Додека директорот на ПИОМ објаснува “праведност”, пензионерите чекаат ветувања што се одложуваат како автобус во Скопје – никогаш не знаеш кога ќе пристигне
Никола Мемов, директорот на Фондот на пензиското и инвалидско осигурување, го усовршува она што македонската политичка класа го прави најдобро: техничко објаснување на системска неправда. Во неговата изјава за емисијата „Трилинг”, тој го користи класичниот бирократски алат – бројки, проценти и апстрактни концепти за да го скрие она што е болно очигледно: пензионерите се најранливата социјална категорија која плаќа најголема цена за непродуктивната економија и популистичката политика.
Математиката на рамнодушноста
Кога Мемов зборува за 53 милијарди денари трансфери, тој всушност говори за државен систем кој не функционира. Ова не се “помош” на државата кон пензионерите – ова е признание за колапс. Фондот на ПИОМ не може да ги плати пензиите од уплатите на тековните работници, што значи дека системот е во агонија уште откако е создаден. Но наместо да зборуваме за структурни реформи, ние зборуваме за “усогласувања” и “транзициски трошоци”.
Усогласувањето на пензиите – таа магична бирократска фраза – се случува “од септември, можеби петок, можеби другата сабота”. Ова не е економска политика, туку баналија. Ова е состојба каде што луѓе кои цел живот работеле се третираат како проблем што треба да се одложи, бидејќи секогаш има поважни приоритети – нов Центар за вештачка интелигенција, нова фасада, нов пиар настан.
“Социјално-солидарниот” концепт како маска
Мемов со гордост зборува за “социјално-солидарниот” пензиски систем, како да зборува за некое достигнување на кое треба да се гордееме. Но, што всушност значи овој концепт во пракса? Тој значи дека пензионерот кој уплаќал 40 години и пензионерот кој уплаќал 35 години, на крајот завршуваат со речиси идентичен стандард на егзистенција – под линијата на сиромаштија. “Праведноста” за која зборува Мемов е праведност на нивелирањето кон дното.
Неговата аргументација дека “инфлацијата е иста за сите” е точна, но површна до степен на цинизам. Да, инфлацијата удира подеднакво, но капацитетот да се справиш со неа не е ист. Кога твојата пензија изнесува 15.000 денари, зголемувањето од 5-6% не е очекување – тоа е шамар со омекнета рака. Зголемувањето не носи подобрување, туку само забавување на пропаѓањето.
Системот што не сака реформа
Зошто Мемов не зборува за она што навистина треба да се дискутира? Зошто не зборува за фактот дека македонската економија создава премалку работни места, дека се плаќаат премали плати, дека се работи на црно, и дека секоја трета трансакција е надвор од системот на социјален придонес? Затоа што тогаш би требало да признае дека ПИОМ не е изолирана институција со “транзициски трошоци”, туку дел од систем кој не функционира.
Вториот пензиски столб, кој се спомнува во интервјуто, е уште една приказна за себе. Наместо да биде алатка за зајакнување на пензиските права, тој е претворен во буџетска ставка која служи како изговор за неможноста да се исплаќаат достојни пензии од првиот столб. “Транзициски трошоци” е термин кој треба да значи “привремени тешкотии”, но во Македонија, транзицијата трае веќе три децении и изгледа дека никогаш нема да заврши.
Скопје мириса на шампон, а пензионерите на очај
Додека градот е опфатен со козметички интервенции – нови фасади, измиени улици, украсени плоштади – стварната криза се случува во домовите каде што пензионерите пресметуваат дали да купат леб или лекови. Пиарот е перфектен, маркетинзите одлични, но суштината останува непроменета: државата не ги третира своите најстари граѓани како луѓе кои заслужуваат достоинство, туку како товар кој треба да се управува низ табели и статистики.
Кога Мемов вели дека “лесно му е”, тој не знае колку е во право – од спротивната страна од биро маса, кога немаш лично искуство со глад и студ, секоја формула изгледа логична и праведна. Но праведноста не се мери со процентуални усогласувања. Таа се мери со тоа дали граѓанинот може да живее со онова што државата му го дава по 40 години работа.
Матрицата на големото ништо продолжува. Петок, сабота, септември – датумите се менуваат, ветувањата се вртат, но резултатот е ист: пензионерите чекаат, а државата се прави важно-влажна и мириса на Шапон.
Сашо Денесовски




























