Кога министерот не знае што потпишува: Наместо правда, добиваме Праз за промоција …

Saso
By Saso
4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Одбраната на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски по обвинувањата на Николовски за доделување земјоделско земјиште на Ана Стоилева, ќерка на притворениот директор на Платежната агенција, звучи како класична бирократска приказна: „Јас само потпишувам, не знаев на кого оди земјата.” Ова објаснување, всушност, не го ослободува министерот од одговорност – туку ја потврдува суштината на проблемот.

Одговорноста што се крие зад потписот

Трипуновски тврди дека одлуката била донесена од комисија која „вреднувала и бодирала”, а тој бил само „краен потписник”. Оваа логика е опасна и неодржлива од неколку причини:

Прво, ако министерот не знае што потпишува, тогаш тој е бирократски автомат, а не носител на политичка одговорност. Министерот не е Нотар кој механички ставаат печат на туѓи одлуки – тој е највисоко одговорно лице во ресорот кое треба да знае, да контролира и да одговара за клучните одлуки.

Второ, ако навистина не знаел дека земјиште се доделува на ќерката на директорот на Платежната агенција, тоа укажува на алармантен недостаток на контрола и познавање на работата во сопствениот ресор. Ако знаел, а молчел – тоа е злоупотреба. И во двата случаи, одговорноста е иста.

Трето, твердењето дека комисијата донела одлука не е алиби. Министерот ги именува комисиите, министерот ги надгледува процесите, министерот ја носи конечната политичка одговорност. Кога нешто тргне наопаку, не можеш да се кријеш зад „комисијата решила”.

„Празот од Градошорци” наместо одговори

Додека скандалот се разгорува, министерот Трипуновски се фотографира со праз од Градошорци, фалејќи го како „еден од најквалитетните во земјата”. Овој PR потег е симптоматичен за целокупниот проблем: наместо суочување со обвинувањата, наместо јасни одговори, наместо транспарентност – добиваме маркетинг и одбивање од суштината.

Празот од Градошорци нема да ги нахрани граѓаните на кои им е потребна правда и одговорност. Нема да ги смири сомнежите за нерегуларности во доделувањето на државно земјиште. Нема да го врати довербата во институциите.

Систем без одговорност

Случајот Трипуновски-Стоилева е илустрација на поширок проблем во македонското јавно управување: одговорноста се распрснува, се губи низ комисии, процедури, потписи, додека на крајот никој не одговара за ништо. Министрите се претвораат во технички потписници, комисиите во безлични тела, а граѓаните остануваат без одговори.

Ако министерот навистина не знаел на кого доделува земјиште – тоа не е оправдување, туку причина за оставка. Ако знаел – причината е уште посилна. Во двата случаи, одговорноста е јасна.

- Advertisement -
Ad image

Но наместо оставка, го добиваме празот од Градошорци. И тоа, всушност, е најголемиот проблем од сите.

Постскриптум: Да, празот е богат со витамини К и Ц, помага во варењето, ги јакне коските и го регулира холестеролот. Но, за жал, нема податоци дека го подобрува етичкиот капацитет на политичарите, ја зголемува транспарентноста во институциите или ја лечи селективната амнезија кај министрите кои не знаат што потпишуваат. Можеби треба да се додаде во секојдневната исхрана на владините функционери – но дозата треба да биде многу поголема од една фотографија.

Сашо ДЕНЕСОВСКИ

- Advertisement -
Ad image
Share This Article