Музичари од земји членки на ЕУ и од Западен Балкан првпат се сретнаа и се обединија во Филхармонијата во Скопје за да создадат нова интерпретација на „Ода на радоста“, збогатена со уникатни звуци од нивните земји. За само неколку часа тие свиреа сплотено, покажувајќи колку малку време е потребно луѓето да се здружат и да создаваат заедно. Прочитајте ја нивната приказна и уживајте во нивниот извонреден настап: https://youtu.be/8iFVPfJxkDc
Од Западен Балкан до Европската Унија, вклучувајќи музичари од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Франција, Германија, Косово, Црна Гора, Холандија, Северна Македонија, Србија и Словенија, креативната моќ од Европа се обедини во културната и комуникациска иницијатива на WeBalkans – „Една песна, една Европа“.
Спојувајќи ги традицијата, талентот и идеите, со нивните традиционални, класични и ретки инструменти, 12 музичари креираа нова интерпретација на „Ода на радоста“ во скопската Филхармонија. Но, направија многу повеќе од тоа – создадоа приказна што нè потсетува на суштинските вредности: единство, солидарност и мир, и ја раскажаа на универзалниот јазик на музиката.
„Кога станува збор за ЕУ и Западен Балкан, за мене тоа не се две различни целини, туку една – Европа. Нашите разлики не се важни, бидејќи музиката секогаш е чекор понапред за да нѐ зближи“, вели Гент Руши, пијанист и хармоникаш од Албанија.
Токму затоа, WeBalkans, иницијатива на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија, ја создаде „Една песна, една Европа“. Проектот е јасен показател дека културата и уметноста се најмоќните средства за поттикнување промени, честопати поблиски до луѓето од академските дебати или политичките анализи.
За вокалната солистка Антонија Батиниќ од Босна и Херцеговина музиката е универзален јазик што ги надминува зборовите. „Јазикот е важен, но изразувањето преку музиката и моќта на самата музика зборуваат погласно од кој било текст.“ Нејзиниот колега Марвин Дилман од Германија дополнува: „Навистина сме различни, но поврзани сме и уживаме во нашите разлики – музиката нѝ го овозможува тоа.“
Генерации наназад, луѓето од земјите на ЕУ и Западен Балкан растеле и растат слушајќи ги истите песни, споделувајќи ги истите традиции и негувајќи ги истите вредности. „Оваа иницијатива е доказ дека културата и понатаму претставува мост кој ги поврзува генерациите, земјите и аспирациите“, вели Дино Шукало, музички продуцент.
Настапот во Скопје не беше само изведба на новата интерпретација на „Ода на радоста“, туку преку него традиционалните и модерните инструменти се споија во хармонија. Дритон Бејта, виртуоз на чифтели од Косово, ја сподели нивната заедничка цел да се испрати порака дека заедно можеме да ги негуваме универзалните вредности, да ја славиме различноста и да градиме иднина која ќе се темели на мир, напредок и заеднички просперитет.
„Обединивме различни култури и идеи, преосмислувајќи нешто толку класично и традиционално како Бетовен со народна музика и етно стилови. Пораката е јасна: да се обединиме, да ги заборавиме границите, да свириме заедно, да се забавуваме, да не се делиме, туку да нѐ зближуваат креативноста и радоста“, вели словенечката виолинистка и вокалистка Ана Мезгец. Француската тапанарка Делфин Орели Лангхоф додава: „Иако не сме исти, бидејќи доаѓаме од различни култури, музиката покажува дека сме слични, а тоа што сме заедно нè возвишува.“
„Една песна, една Европа“ ја истакнува и улогата на ЕУ во поддршката на културата и градењето заеднички културен простор. ЕУ вложува во уметноста, во прекуграничната соработка и во зближување на луѓето за да се надминат поделбите. Овие заложби покажуваат дека Европа е еден простор во којшто ЕУ и Западен Балкан ги делат истите вредности, стремејќи се кон напредок и подобар живот за сите. Токму оваа порака силно одекна и кај музичарите.
Црногорската флејтистка Жана Лекиќ смета дека новата верзија на „Ода на радоста“ носи уметничка и политичка порака. „Напредок е можен само ако сме обединети и ослободени од пречките и ограничувањата. Музиката нѝ ги покажува можностите што ги нуди соработката, ја истакнува вредноста на разноликоста и ја демонстрира моќта на уметноста за градење на општеството. Политиката е присутна во секој аспект од нашиот живот, па наша задача е да ја користиме уметноста за да кроиме политики што ќе бидат за наше добро, а не против нас.“ Пијанистот Мајк дел Феро од Холандија исто така истакна дека заедничката изведба на „Ода на радоста“ е симбол на единство: „Без оглед на политичката припадност или верските разлики, оваа изведба ја пренесува пораката дека можеме да се сакаме и поддржуваме едни со други и сметам дека тоа е многу важно.“
Кавалистот и кларинетист Милош Николиќ од Србија вели дека музиката е еден од најмоќните двигатели за колективна трансформација. „Ако нешто може навистина да придонесе за развој на општеството, тоа е музиката – кралицата на сите уметности. Доколку нашите земји вложуваат повеќе во културата, општествата ќе цветаат. Секогаш им велам на родителите да си ги запишат децата во музички училишта, тоа е најдобрата инвестиција во нивната иднина.“ За многумина, „Една песна, една Европа“ претставуваше можност да се запознаат со прекрасниот бугарски инструмент гадулка. Споре Христина Белева, која свири на гадулка, соработката е „светлина во нашите животи и ако се фокусираме на едноставните нешта, светот ќе биде подобро место“. Трубачот Петр Хармачек од Чешка додава дека заедничката изведба на „Ода на радоста“ со музичари од балканските земји е прекрасно искуство и покажува колку сме сите поврзани.
За младиот трубач Серџук Алимов од Северна Македонија, професорот Николиќ вели дека таков талент се раѓа еднаш во векот. Неговата младост и брилијантност носат порака за денешницата и иднината: кога инструментите свират како едно, а луѓето се здружуваат, Европа блеснува во полн сјај – обединета, живописна и единствена.
Следете ги содржините на веб-страницата webalkans.com и на нашите профили на социјалните мрежи: