Разговор со светски познатиот турски писател Ахмет Умит, мајстор на модерниот криминалистички роман, се одржа синоќа во рамки на фестивалот на европска литература „Букстар“ во Салон 19.19 во Културно-информативниот центар.
Ахмет Умит (1960) е еден од најпознатите турски автори на детективскиот роман. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Умит е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави.
Бројна публика дојде да го испочитува авторот, а потоа се чекаа и редици за да им ги потпише книгите.
Спонтан, природен, осторумен и полн со хумористични приказни, Умит ја освои скопската публика и во живо.
– Ова ми е третпат како доаѓам во Скопје. И секогаш тоа е поврзано со некои книжевни настани. Првиот пат Скопје многу ми се допадна, вториот пат многу ми се допадна повторно, а третиов пат паднав во несвест – рече Умит.
Тој раскажуваше за неговите почетоци, за процесот додека ги пишува книгите, за идеалите.
– Во раните детски години немав намера да станам писател, но бев многу добар читател. Ми се чинеше како нешто многу големо да бидеш писател. И еден ден без да размислувам, почнав да пишувам. Како млад многу често одев на протести, и во тоа време ако те фатеше полицијата знаеше да те малтретира со денови, да ти врши тортури, да лежиш во затвор… Еднаш на тие протести ме уапси полицијата и потоа ме тераше да напишам извештај. И тогаш всушност ја напишав првата приказна. Потоа таа приказна беше објавена во едно списание, а потоа тој текст се преведе на 40 јазици – раскажува турскиот писател.
Тој вели дека почнал да пишува детективски романи затоа што сонувал дека светот ќе биде подобро место за живеење.
– Најважната криза на еден човек му се случува во оној миг кога ќе падне маската – рече Умит.
Турскиот писател вели дека долго истражува пред да почне да пишува. Дека често се консултира со експерти од одредена област, со научници од судската медицина, со историчари.
– Кога пишувам роман изучувам со години. Ако е сместен во одреден историски момент, знам и со години да читам за тој период. Ако дејството е сместено во некој град, одам многу често во тој град. Еве, на пример, сега многу често одам во Рим зашто дејството на приказната што ја пишувам е сместено таму – вели Умит.
Тој додава дека е многу важно еден автор да биде оригинален зашто само така ќе биде вистински препознаен од публиката.
– Во уметноста е важно да се биде поинаков. Ако пишував како некој друг, немаше да има вредност она што го пишував. Пикасо е голем зашто окото на жената го смести среде нејзиното чело, и покрај тоа што знаеше да слика анатомски совршено тело – рече Умит.
Публиката и денес ќе има можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи во „Рамстор мол“ со почеток во 12 часот. Вљубениците во крими-романите ќе имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.
На Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, со почеток во 10:30 часот ќе биде соопштена и доделена наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик, „Драги“.
Тричлената комисија за доделувањето на наградата „Драги“ ја сочинуваат д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови). Петте финалисти за 2025 година се Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година; Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на „Антолог“, 2025 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Фестивалот ќе заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18 часот, а на кој ќе бидат учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов. Модератор ќе биде Владимир Јанковски.
Годинашниот фестивалски слоган на „Букстар“ гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска.
Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар.