И покрај секојдневната опасност, стриптиз клубот „Флеш Танчерс“ во вториот по големина град во Украина – Харков, останува отворен секоја вечер. За многумина од локалното население, овој клуб претставува ретка можност за бегство од суровата реалност на војната.
Клубот е во сопственост на жени, а работи секојдневно и покрај полицискиот час кој почнува во 23 часот. Нуди егзотична, ексклузивна забава за сите што можат да си ја дозволат, функционирајќи во т.н. „сива зона“ на законот. Иако проституцијата е забранета во Украина, стриптиз клубовите како овој и понатаму работат, сега со уште поголема толеранција од властите.
– Нашата цел е да бидеме промена од она што се случува – изјави Валерија Завадскаја, ко-сопственичка на клубот.
Нејзината мајка, Валерија Ксенија – поранешна професионална танчерка, го отвори клубот пред десет години. Денес, покрај тоа што е сопственичка, таа е и директорка на мал хотел.
– За повеќето луѓе во Украина е тешко да преживеат само со една работа – вели Ксенија, објаснувајќи дека многумина, вклучувајќи ги и танчерите, работат повеќе работи за да преживеат.
Идејата да го отвори клубот се родила во 2014 година, кога слушнала дека се затвора еден ноќен клуб во центарот на градот.
Таа ја видела оваа ситуација како шанса да ја внесе својата љубов кон танцот и уметноста во Харков. Замислувајќи свој „Мулен Руж“, собрала неколку танчерки и почнала да ја гради својата визија.
– На почетокот сите мислеа дека е клуб со ‘среќен крај’, но нашата порака е дека девојките не се месо. Девојките се естетика, женственост и убавина – нагласува Ксенија.
Танчерките секој ден доаѓаат попладне за да ја вежбаат кореографијата, а навечер настапуваат облечени во луксузни костими. Клубот е осветлен со меки црвени светла и ретко има повеќе од 20 гости на вечер, а понекогаш, никој не доаѓа.
Од почетокот на руската инвазија, над еден милион жители го напуштиле Харков, а ноќниот живот е значително намален. Цените на пијалаците се зголемени тројно, но тоа не ги одвраќа посетителите.
Иако изгледа како оаза за забава, трагите од војната се насекаде. Прозорците на трите ката над клубот се заковани откако експлозија во центарот ги скрши сите стакла. Бидејќи клубот се наоѓа под земја, често се користи и како импровизирано засолниште за време на воздушни напади.
Кога ќе се огласат сирените, клиентите и персоналот се повлекуваат во кожни сепареа околу шипките за танцување и чекаат да престанат нападите. И покрај сѐ, танцот продолжува.