Што напишаа петмината членови во одговорите на интерпелациите?

Lorita
By Lorita 12 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Интерпелацијата на петте члена на Судскиот совет што се избрани од пратениците ќе се разгледува на собраниска седница во вторник 10 март, од 11 часот, а овие 5 точки се единствени на дневниот ред. Прва е интерпелацијата на доскорешната претседателка Весна Дамева, а потоа следуваат интерпелациите на Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и на Миљазим Мустафа.

Овие 5 члена на Советот се избрани од редовите на истакнатите правници, двајца на предлог на претседателот (Дамева и Мустафа), а тројца на предлог на пратениците. Останатите 8 члена на Судскиот совет се судии и тие се избираат на директни судски избори.

Сите петорица членови одговорија на наводите во интерпелациите што ги поднесоа 67 пратеници од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и на ЗНАМ.

Според пратениците, интерпелациите се поднесуваат поради недоследно спроведување на надлежностите, особено поради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните во судството, а со тоа и на целиот правосуден систем.

Наместо Уставот, ги почитуваа наредбите на политичките партии

Според образложението, кое е идентично во сите 5 интерпелации, се наведува дека Собранието, како орган кој избира пет членови на Судскиот совет, исто така врши и контрола над работата на Судскиот совет преку Годишниот извештај за работа, кој за 2023 година не беше усвоен.

„Состојбата во изминатите неколку години во судството е речиси распадната, со рекордно најниска доверба од граѓаните од неверојатни 3 проценти. Повеќе од разочарувачки е фактот дека 97 проценти од граѓаните не веруваат во квалитетот на судството и неговата независност. Влошената состојба во Судскиот совет дополнително се продлабочи со изборот на Весна Дамева, која за член е избрана на 12.12.2019 година, по предлог на поранешниот претседател Стево Пендаровски, откако нејзиниот претходник Павлина Црвенковска се повлече од позицијата. Црвенковска беше поврзана со скандалозно подметнување на избор за членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а како причина за повлекувањето наведе дека тоа го прави поради тоа што не била подобна за т.н. судско-бизнис елита“, се вели во интерпелациите.

Во Собранието, се додава, долго се дебатираше за изборот на овие членови.

„ВМРО-ДПМНЕ укажуваше дека овие кандидати не се подобни да одговорат на функцијата која треба независно да ја извршуваат и да го заштитат угледот и независноста на судството во целина. Сепак, мнозинството одлучи да ги избере. Неколку месеци подоцна, кога Весна Дамева го водеше Судскиот совет, целата македонска јавност беше сведок на уште еден скандал кој несомнено придонесе кон дополнително нарушување на довербата во судството. Станува збор за скандалозното разрешување на Дамева од местото претседател, од страна на нејзиниот заменик Селим Адеми, кој, исто така на 12.12.2019 година е избран за член на Судскиот совет, без никаква процедура, спротивно на Уставот, Законот и Деловникот на Судскиот совет. Ова беше нотирано и во Извештајот на Европската комисија за 2023 година. Мора да се спомене и дека граѓанските организации и правните експерти го осудија овој чекор без преседан и ги повикаа сите членови на Советот да си поднесат оставки“, се вели во интерпелацијата.

Ова е доказ, се додава, дека во Македонија не владееше правото и не се почитуваа Уставот и Законите, туку се почитуваа само наредби од политичките партии кои беа на власт од 2017 до 2024 година.

- Advertisement -
Ad image

Спорни и селективни дисциплински постапки

Граѓаните, се вели во текстот, треба да се запознаени со целиот проблем кој Судскиот совет го создаде, недовербата во судството, скандалозните избори за членови на УО на Академијата за судии и јавни обвинители, изборот за судии, прекршување на процедури за предложување кандидати за судија во Уставен суд, претседатели на судови итн.

„Како дел од работата на Судскиот совет, односно неговите преземени мерки за ‘подобрување’ на судството, можеме да наведеме дека на судија му утврдиле дисциплинска повреда и му изрекле дисциплинска мерка намалување на плата во висина од 20%, во траење од шест месеци, бидејќи судијата, како известител по предметите, без оправдани причини ги одолговлекувал постапките, и покрај итните околности. Човечки животи биле во прашање, правдата – незадоволена, општеството – фрустрирано, а тој противзаконски постапувал и пресудувал, бидејќи знаел дека во оваа држава како судија ќе добие 6 месеци по 20% намалување од плата. Понатаму, на еден судија за утврдена дисциплинска повреда му ја изрекле истата дисциплинска мерка, бидејќи не го известил в.д. претседателот на суд дека постојат околности коишто ја доведуваат во сомневање неговата непристрасност и судир на интереси, што е причина за изземање, бидејќи неговата ќерка била вработена кај полномошникот на тужениот во предметите, со што предизвикал тешки последици кои се манифестираат на повреда на правото на правично судење и непристрасен суд“, се вели во интерпелациите, каде се наведени и други примери.

Иако Судскиот совет, се додава, има мандат да постапува по случај на непрофесионално или неетичко однесување на судиите, Европската Унија има забележано дека во пракса има селективен пристап во дисциплинските постапки, што доведува до неказнивост на одредени прекршоци од страна на судиите.

- Advertisement -
Ad image

„Во Извештаите на ЕК е забележано дека постојат индикатори дека Советот не презел доволно активности за санкционирање на судии кои го нарушувале угледот на судиската функција. ЕК во редовните извештаи постојано укажуваше на слабостите во обезбедувањето на независност на судството. Судскиот совет, како клучно тело за гарантирање на независност на судството, не е целосно независен и отпорен на политички влијанија, со што се компромитира и владеењето на правото“, се вели во интерпелациите.

Судскиот совет е клучна институција за функционирањето на правната држава и одржувањето на владеењето на правото и затоа, секој сомнеж во работата на неговите членови мора да биде темелно анализиран, а јавноста треба да биде уверена дека Советот работи чесно, професионално и во интерес на граѓаните, се вели, меѓу другото, во текстот на интерпелацијата.

Што одговорија истакнатите правници?

Според Весна Дамева, интерпелацијата е директен упад во судската власт и напад на нејзината независност и самостојност. Таа вели дека интерпелацијата, која е предвидена со Устав, не е насочена кон носители на судски функции и не смее така да се толкува.

„Се навлегува во една состојба од која тешко ќе може да се излезе. Ако овој преседан се случи, во иднина Собранието ќе може да повикува на одговорност и судии во Уставниот суд, со оглед дека и нив ги избира Собранието. Тоа е апсолутно недозволиво, но ќе може да биде оправдано со овој преседан, според кој Собранието ќе може да повикува“, наведува Дамева.

Уставот ги дели трите власти, потсетува таа, законодавната, извршната и судската, а судската е самостојна и независна и врз неа не е дозволена политичка контрола од Собранието, а во спротивно, таквата контрола значи упад во судската власт.

Таа додава и дека интерпелацијата е дискриминациска, односно „во насока на остварување на целта за отстранување на членовите избрани од Собранието, тие се дискриминирани наспроти членовите кои се судии, па прашувам дали Уставот важи еднакво за сите граѓани и за сите носители на јавни функции“.

Според Павлина Црвенковска, Уставот пропишува дека Собранието може да поведува интерпелација за Владата и за нејзините членови и за други функционери што ги избира или именува, но не и за членовите на Судскиот совет, затоа што со тоа се нарушува поделбата на власта и се прави упад во судството.

„Ако членовите на Судскиот совет можат да бидат предмет на интерпелација во Собранието, тоа би значело и потенцијален политички притисок врз судската власт“, одговори Црвенковска на интерпелацијата.

Во својот одговор членот Селим Адеми објаснува зошто смета дека интерпелацијата е спротивна на Уставот и на Законот за Судски совет. Според него, ако целта на власта е да се подобри перцепцијата дека судството е независно од политиката, политичката метода со интерпелација е погрешна за таа цел.

„Во врска со интерпелацијата, не чувствувам ниту морална, ниту каква било одговорност за моето досегашно работење во Судскиот совет. Како член, 11 години сум работел чесно, професионално и посветено, а оценка за мојата работа можат да дадат само судиите“, пишува Адеми.

Според Тања Чачарова Илиевска, интерпелацијата против неа е премногу општа и конфузна и повеќе упатува на колективна одговорност, како да е интерпелација за целиот Судски совет, а не упатена кон поединец, член.

„Отсуствува индивидуализација на пропустите, поточно, каква е мојата улога во изнесените констатации во интерпелацијата и во споменатите дисциплински постапки. Добро е да посочам дека од тие три споменати дисциплински постапки, јас сум подносител на две од нив“, пишува Чачарова Илиевска.

Таа додава дека работи чесно, професионално и одговорно во Советот и не чувствува морална одговорност. Ја смета интерпелацијата за неоснована и бара пратениците да не ја изгласаат.

Според Мустафа, оваа интерпелација е опасен преседан, и е најпогрешниот начин и чекор што можат да го преземат пратениците во нивната благородна намера за воспоставување независен правен систем заснован на правни вредности.

„Извршната и законодавната власт наместо да отворат дебата за подобрување на состојбата во судството, тие дополнително ја влошуваат и иницираат досега невидена пракса со директен притисок на одредени членови на судската власт, со цел да се повлечат од нивните позиции пред истекот на мандатот, без да се констатира каква било етичка или законска повреда, утврдена во законска постапка“, пишува Мустафа.

Според член 72 од Уставот интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.

Според член 100 став 8 од Законот за Судскиот совет, доколку Собранието не го усвои годишниот извештај за работа на Советот, тоа ќе биде основ за поведување расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа.

Share This Article