Една од најпознатите француски актерки Жулиет Бинош ќе претседава со жирито на овогодинешниот филмски фестивал во Кан, а престижната филмска манифестација ќе се одржи од 13 до 24 мај, објавија организаторите.
Таа првпат се претстави на Канскиот филмски фестивал во 1985 година, во филмот „Рандеву“ на режисерот Андре Техине и оттогаш таа е редовен гостин на овој значаен и гламурозен настан.
– Со нетрпение очекувам да ги споделам овие моменти од мојот живот со членовите на жирито и со јавноста. Во 1985 година првпат ги искачив скалите со ентузијазам и неизвесност на една млада актерка. Немав поим дека 40 години подоцна ќе се вратам на ова почесна улога како претседател на жирито – рече Бинош.
Списокот на филмови кои ќе се најдат во натпреварувачкиот дел ќе биде објавен во средината на април.
Шеесетгодишната Жулиет Бинош ја наследи режисерката на „Барби“ Грета Гервиг, која претседаваше минатата година, пренесува Ле Монд.
Француската актерка, која во 2010 година ја освои наградата за најдобра актерка на Канскиот фестивал за филмот „Copie conforme“ на Иранецот Абас Кјаростами, е една од најпознатите француски актерки во светот.
Таа е исто така една од ретките Французинки што добиле Оскар, за најдобра споредна женска улога во 1997 година за филмот „Англискиот пациент“.
За време на нејзината кариера, извонредната актерка работеше со Жан-Лук Годар, Кшиштоф Кишловски, Дејвид Кроненберг и со други режисери.