Околу 14 часот по локално време, грчките земјоделци повторно го затворија граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција кон Македонија, а според првичните информации, блокадата се очекува да трае до 22 часот.
На грчката страна од преминот паркирани се повеќе од 300 трактори. Блокада имаше и вчера во претпладневните часови, како и од 18 до 22.30 часот, по што сообраќајот накратко се нормализираше. Утрово движењето се одвиваше непречено сè до повторното затворање во 14 часот.
Низ цела Грција земјоделците поставиле вкупно 14 блокови со над 6.000 трактори. Два од нив се на најфреквентните гранични премини – Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).
На преминот Ники, денешната блокада траела кусо, како и вчера, и се однесувала само на товарни возила, додека автомобилите без потешкотии ја минувале границата.
Практика на грчките земјоделци, како и во претходните години, е блокадите да не ги најавуваат однапред. Тракторите се веќе паркирани на самиот премин, а земјоделските комисии на дневни состаноци одлучуваат кога ќе го затворат сообраќајот и колку долго ќе трае застојот.
Граничниот премин Дојран засега е единствениот кој работи без прекин и сообраќајот таму се одвива нормално.
Денеска земјоделците од Солун се обиделе со трактори да стигнат до солунскиот аеродром со намера таму да постават нов блок, но биле спречени од полицијата. Следеле турканици и инциденти, при што била употребена и солзавец.
Во внатрешноста на земјата ситуацијата не е ништо помирна. Кај месноста Никеа, во близина на Лариса, паркирани се околу 1.800 трактори и е затворен автопатот Солун – Атина. Кај градот Кардица во блокадите учествуваат над 2.000 трактори, а затворени се и делници на излез од Солун во правец кон Атина.
Интересен детал е што на повеќе локации земјоделците поставиле новогодишни елки – симболична порака дека нема да отстапат и дека, доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.
Грчките земјоделци протестите ги започнаа во неделата и најавија постепено интензивирање до 5 декември. Засега, не е познато до кога ќе продолжат блокадите.




























