Земјите членки на ЕУ ги сметаат за апсолутно неприфатливи и неоправдани најавите од викендов на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување на царини од 30% за европските стоки од 1 август, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.
– Ние сме посветени на продолжување на соработката со САД и за постигнување договор. Тој договор мора да биде од взаемна корист и под услови што се прифатливи за двете страни. Во исто време сме подготвени за сите можни сценарија, доколку не се најдат задоволителни решенија. ЕУ останува подготвена да реагира, а тоа вклучува и реципрочни царини, доколку е потребно – рече Расмусен, додавајќи дека ЕУ не сака трговска војна со САД и сакаме да ја избегне.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович истакна дека царини од 30% се апсолутно неприфатливи за ЕУ и тие би биле пречка за каква било трговија, додавајќи дека Унијата ќе ги преземе сите мерки за да ги заштити европските бизниси и економија.
– Треба да се стремиме кон мерки за ублажување. Затоа прво ќе преговараме, но ќе се подготвуваме во исто време и за мерки за враќање на рамнотежата. Се е на маса, но ќе го правиме тоа чекор по чекор – рече Шефчович.
Тој истакна дека ЕУ во трговските преговори со САД пристапува со добра волја, конструктивно и со полн интензитет во текот на целиот процес.
– Остануваме убедени дека нашите трансатлантски односи заслужуваат договор за решение кое води кон обновена стабилност и соработка. ЕУ никогаш не се откажува без вистински напор, особено имајќи ја предвид вложената напорна работа и тоа колку сме блиску до склучување договор и јасните придобивки од таквото решение. Но, како што реков претходно, за да се ракоплеска потребни се две раце – рече Шефчович, најавувајќи нови контакти со неговите американски колеги за попладнево.
Комисијата до земјите членки вчера го достави предлогот за втората листа на американски стоки што се увезуваат во ЕУ, во вредност од околу 72 милијарди евра, кои би биле опфатени со евентуалните реципрочни мерки за враќање на рамнотежата.
– Ова не го исцрпува нашиот сет на алатки и секој инструмент останува на маса, додаде Шефчович.
Тој вели дека Европската комисија е во постојан контакт со Белата куќа, како и дека претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен имаше телефонски разговори со Трамп на оваа тема.
Шефчович нагласи дека ЕУ останува отворена за уште поблиски канали за комуникација со други истомислечки партнери и за удвојување на напорите за отворање нови пазари и поттикнување на трговија базирана на правила.
Тој рече и дека ЕУ треба да работи на ребалансирање трговските и инвестициски односи со Кина, за да обезбеди еднакви услови за игра и да ја донесе многу потребната предвидливост и сигурност.
– Претстојниот самит меѓу ЕУ и Кина ќе биде важна можност да се разговара за овие прашања, вклучително и за реципроцитет во пристапот до нашите пазари – истакна Шефчович, додавајќи дека ЕУ е и ќе остане целосно обединета во одговорот на тековните предизвици.