Топ Вести - Слушај сега
Украина нема да ѝ отстапи територија на Русија, ниту ќе се повлече од областа што моментно ја контролира, го повтори синоќа својот категоричен став украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Изјавата доаѓа во момент кога преговорите меѓу Русија и Украина за прекин на војната, кои се водат со посредство на САД, се заглавени токму на територијалните прашања.
– Илјадници, десетици илјади Украинци беа убиени бранејќи го тој дел од Украина. Мора да разбереме дека Донбас е дел од нашата независност. Тој е дел од нашите вредности. Не станува збор за земјата. Не станува збор само за териториите. Станува збор за луѓето – рече Зеленски во интервју со Пирс Морган.
Зеленски изјави дека преговарачите постигнале поголем напредок во техничките дискусии, како што е следењето на потенцијалното примирје, отколку во политичките прашања.
Тој нагласи дека секое трајно решение бара силни безбедносни гаранции и учество на Европа.
– Кога зборуваме за безбедносни гаранции, мислиме на цврсти гаранции дека остатокот од светот, или барем некои земји, ќе бидат подготвени да реагираат доколку Путин се врати со својата агресија – објасни Зеленски.
Тој ја отфрли идејата за лична доверба во рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека на Украина ѝ се потребни „институционални“ гаранции.
Зеленски ги опиша Украинците како исцрпени по 4 години војна, но нагласи дека земјата е сè уште обединета. Како пример, тој ја наведе националната мобилизација за време на зимските енергетски напади и брзите поправки во Киев и во другите градови.
– Најтешката ситуација беше во Киев по сите тие напади врз електричната мрежа. 240 бригади дојдоа од сите региони за да ја обноват клучната инфраструктура во Киев – рече тој.
Во врска со дипломатскиот процес, Зеленски потврди дека воените и техничките групи се поблиску до изготвување рамка за мисија за следење на прекинот на огнот, но призна дека политичките преговори остануваат спорни. Најави дека следниот состанок исто така ќе се одржи во Швајцарија.
Разговорите во Женева завршија по два дена, а руските преговарачи ги опишаа како „тешки, но практични“.
Зеленски нагласи дека Украина не може да го прифати руското барање Киев да ги повлече своите сили од преостанатите делови од регионот Донецк што се под украинска контрола. Тој го нарече таквиот предлог „неверојатен“, нагласувајќи дека Украина не ја признава руската окупација како легитимна.
Британските медиуми претходно неделава објавија дека Зеленски предупредил дека од Украина премногу често се бара да прави отстапки, за разлика од Русија, бидејќи разговорите се фокусираат на замрзнување на сегашната линија на фронтот.
Зеленски, исто така, се осврна на внатрешниот политички притисок околу изборите, објаснувајќи дека украинските закони не дозволуваат одржување национални избори за време на војна.
Меѓутоа, тој додаде дека ќе размисли да го повика парламентот да го измени законот доколку се обезбеди двомесечно примирје, но предупреди дека кратката пауза не мора да значи крај на војната.
– Ќе дадам сè од себе, ќе разговарам со парламентот. Тие ќе го променат законот… Се надевам – рече украинскиот претседател Володомир Зеленски.
Tagged as:
Зеленски: Украина нема да ѝ отстапи територија на Русија ниту ќе се повлече од областа што моментно ја контролира
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
