Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави денеска дека Русија сака да ја задржи способноста да ја нападне Украина од Црното Море и дека очекува САД да реагираат на одбивањето на руската страна да се согласи на безусловен прекин на огнот.
„Во денешниот руски напад имаше проектили кои беа лансирани од водите на Црното Море. Партнерите знаат за какви пловила станува збор и од кој дел од морето е лансиран. Ова е една од причините зошто Русија ја нарушува дипломатијата, зошто Русија не се согласува на безусловен прекин на огнот – тие сакаат да ја задржат можноста да ги нападнат нашите крајбрежни градови и пристаништа на Украина.
Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да стави крај на војната и дека „бара начини да ја остави можноста за нова војна која започнува во секој момент со уште поголема сила“.
„Затоа, ќе продолжат да бидат неопходни сите форми на притисок врз Русија: зајакнување на нашите одбранбени капацитети, одржување санкции и таква дипломатија, таков разговор со Москва што нема да им остави никаква можност да убиваат“, рече украинскиот лидер.
Според него, безусловен прекин на огнот мора целосно да го исклучи „уништувањето на животот“.
„Украина се согласи со предлогот на Америка, со предлогот за целосен, безусловен прекин на огнот. Путин одбива. Ја чекаме реакцијата на САД, засега нема, ја чекаме реакцијата на сите во Европа, на сите во светот кои сакаат мир“, рече Зеленски.
Тој најави подготовка на состанок во Рамштајн формат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина и обезбедување странски воен контингент.
„Треба да ја зајакнеме нашата противвоздушна одбрана, тоа е објективна реалност, и сите договори што се постигнати со партнерите, а не се спроведени, треба да се активираат што е можно повеќе. Системите „Патриот“ кои сега само седат некаде во магацинот на нашите партнери, навистина треба да заштитат животи“, рече Зеленски за време на видео обраќањето.
Тој додаде дека „работиме на воздушна одбрана на билатерална основа, особено со Соединетите Американски Држави, кои имаат доволен потенцијал да помогнат да се запре каков било терор“.
Зеленски укажа на потребата од зголемување на производството на системи за противвоздушна одбрана и ракети за нив во европските и американските земји.
„Ние во Украина можеме да обезбедиме такво производство и ни требаат соодветни политички решенија. Локализацијата на производството, соодветните лиценци се нешто што ќе ни помогне не само нам, туку и на сите партнери кои сакаат безбедност, а не војна. За ова веќе разговаравме со сите, веќе разбираме дека тоа е апсолутно можно, а секој руски напад е потсетник за нашите партнери: конечно мора да го направиме она што го договоривме“, рече украинскиот лидер.
Како што наведе, секој руски напад врз Украина е „пропуштена можност за дипломатија“.
Тој им се заблагодари на Данска, Холандија, Шведска, Летонија и Германија за нивната воена поддршка и инвестиции.
„Потребна е соодветна желба и соодветни одлуки за да се заштитат што повеќе животи од руската балистика. Исто така, зајакнувањето на нашиот воздушен штит истовремено ќе ја зајакне целата дипломатија“, заклучи Зеленски.