Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака договорот за прекин на огнот да вклучува повлекување на Украина од 30-те проценти од територијата на регионот Донецк што сега ја контролира.
Зеленски повтори дека Украина нема да се повлече од териториите што ги контролира бидејќи тоа е неуставно и би послужило само како појдовна точка за идна руска инвазија.
– Нема да се повлечеме од Донбас. Не можеме да го направиме ова. Сите забораваат дека нашите територии се нелегално окупирани. Донбас е отскочна даска за Русите за идна нова офанзива. Ако се повлечеме од Донбас доброволно или под притисок, ќе започнеме трета војна. Зошто? – праша Зеленски на прес-конференција во Киев.
Според него, Крим бил сто проценти отскочна даска за офанзива во јужна Украина.
– Донбас би бил сто проценти отскочна даска за нештедење на украинските граѓани, некористење на сопствените војници, не спроведување никаква мобилизација (извинете што го кажувам така, но така е), туку за претворање на сепаратистите во руска армија – нагласи Зеленски.
Тој рече дека Путин ги сака преостанатите 9.000 квадратни километри од Донецк, сега под контрола на Киев, каде што се водат најтешките битки од војната, како дел од договорот за прекин на огнот. Рускиот став, додаде тој, му бил пренесен од американски претставници.