Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски одговараше на прашања на новинари преку видео-конференциска врска, во еден момент неговото внимание го привлече повик на мобилниот телефон – на линијата беше францускиот претседател Емануел Макрон.
На видеото објавено на платформата Икс, јасно се гледа како Зеленски среде одговор на прашање од новинарка го зема телефонот и вели:
„Извинете, Емануел, имам разговор со новинарите, може ли да ви се јавам за 15-20 минути?“
По кусата пауза, во која очигледно добил потврден одговор од Макрон, украинскиот претседател додаде:
„Да, те молам, ти благодарам Емануел, одлично, добро, збогум.“
Новинарите, изненадени од моментот, веднаш го прашаа дали навистина разговарал со францускиот претседател, на што Зеленски со насмевка одговори:
„Да, само што разговарав со претседателот Макрон. Разговараме многу често, речиси еднаш дневно.“
Овој неочекуван момент покажа колку блиски и интензивни се комуникациите помеѓу лидерите на Украина и Франција, особено во контекст на тековните геополитички случувања.