Министерството за здравство објави прелиминарни наоди, но клучните информации останаа тајна
Скопје – Скандалот со непотребни кардиолошки операции, кој пред неколку месеци го разоткри кардиологот Сашко Кедев, влегува во нова фаза со сериозни прашања за транспарентноста на институциите и одговорноста на вклучените здравствени установи.
На вчерашниот брифинг, министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции досега анализирала 19 случаи од вкупно 25 пријавени, и дека кај 10 пациенти биле поставени непотребни индикации за операција. Сепак, министерот не одговори на клучните прашања: во кои здравствени установи се случиле овие злоупотреби, колку точно непотребни операции биле извршени и кој ќе сноси одговорност.
Прелиминарни наоди без детали
„Од тие 25 пријавени случаи, 6 се упатени на натамошен третман во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи Комисијата не е надлежна за нив. Останатите 19 се анализирани. Во 10 случаи е утврдено дека непотребно се изведени операциите или дека пациентите биле непотребно упатени на операции”, изјави министерот Алиу.
Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски, објасни дека во оваа првична фаза ја анализирале само потребата од реваскуларизација, односно интервенциите кај пациенти кои имаат васкуларна болест.
„Кај 10 пациенти утврдивме преекстензивно поставена индикација. Втората фаза е навлегување во клиниките, за да се направи дополнителна анализа и да се донесе соодветна стратегија. Кога ќе стигнеме до дефинитивна оценка на секој случај, информацијата ќе биде доставена до надлежните институции”, рече Христовски (вероватно на свети никогаш).
Отворени прашања и критики
Прелиминарниот карактер на извештајот предизвика бројни прашања во јавноста. Зошто Министерството не објави за кои здравствени установи – државни или приватни – станува збор? Зошто не се прецизирани имињата на лекарите кои поставиле погрешни индикации? Колку точно непотребни операции биле извршени и колку од нив биле инвазивни кардиохируршки интервенции?
Непрецизноста на информациите отвора простор за сомнежи дека станува збор за обид за заштита на одредени интереси или судир на интереси во самата комисија.
Позадина на скандалот
Скандалот излезе на виделина по јавната критика на д-р Сашко Кедев, кој јавно тврдеше дека одредени кардиолошки клиники систематски оперирале здрави пациенти со цел финансиска добивка. Овие обвинувања укажуваат на сериозни злоупотреби не само на довербата на пациентите, туку и на средствата од Фондот за здравствено осигурување, доколку операциите биле рефундирани од државата.
Стручната јавност повторно го отвори прашањето за поврзаноста меѓу јавниот и приватниот здравствен сектор. Во Македонија е добро позната пракса лекари од јавни здравствени установи да работат во приватни клиники, што создава потенцијал за судир на интереси – упатување на пациенти од јавниот во приватниот сектор заради финансиска добивка.
Политичка димензија
Скандалот доби и политичка димензија по што на социјалните мрежи се појавија фотографии на кандидати за градоначалници низ општините на Скопје кои се промовираа пред приватни клиники, меѓу кои „Систина” и „Жан Митрев”, ветувајќи бесплатни лекарски прегледи за жителите на нивните општини.
Овие ветувања предизвикаа конфузија, бидејќи градоначалниците немаат никакви ингеренции во приватниот здравствен сектор. Прашањето е дали зад ваквите јавни појавувања постојат некакви деловни аранжмани или политички договори кои сега го усложнуваат скандалот!
Што следува?
Министерството за здравство најави дека комисијата ќе продолжи со теренски увид во вклучените клиники и дека конечните наоди ќе бидат доставени до надлежните институции. Останува прашањето колку долго ќе трае оваа анализа и дали јавноста навистина ќе добие целосна транспарентност.
Здравствените стручњаци и граѓанските организации бараат итна реакција од јавното обвинителство и формирање на независна комисија која ќе ги испита сите наводи за злоупотреби.
Пасивноста на Јавното обвинителство
Сепак, клучно прашање останува зошто Јавното обвинителство сè уште не презело конкретни чекори. Правните експерти укажуваат дека обвинителството, без разлика на постапувањето на владината комисија, било должно веднаш да оформи предмет и да започне истражни дејствија.
„Кога станува збор за сериозни кривични дела како измама, злоупотреба на службена положба и загрозување на безбедноста на пациентите, обвинителството не смее да чека административни комисии да завршат свои извештаи. Тоа е должно самостојно да формира истражен тим и да започне со собирање докази”.
Досега не е познато дали Јавното обвинителство воопшто оформило предмет по овој случај, иако јавните обвинувања на д-р Кедев и официјалните изјави на Министерството за здравство за 10 непотребни операции претставуваат доволна основа за истрага.
Критичарите укажуваат дека оваа пасивност создава впечаток дека обвинителството „чека лимун” наместо да презема проактивна улога во заштитата на јавниот интерес и правата на пациентите.
Се повикуваат пациентите кои сомневаат дека биле непотребно оперирани да се јават во Министерството за здравство или во ДСЗИ, но и директно да поднесат кривични пријави до Јавното обвинителство.
Напомена: Случајот е во тек и јавноста очекува конечен извештај од комисијата со целосни детали за вклучените установи и лица, но и итна реакција од обвинителските органи кои сè уште не покажаа намера за сериозна истрага.
Сашо ДЕНЕСОВСКИ




























