Коалицијата Вреди обвини за сериозни злоупотреби поврзани со компанијата „Еверест ЈД“ ДООЕЛ, која е во сопственост на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според обвинувањата, компанијата не го платила концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини на локацијата „Буковиќ“, што претставува директно прекршување на законите и прописите.
„Ова е уште еден пример на злоупотреба и нетранспарентност, која ја покажува долгогодишната пракса на привилегирани лица блиски до врвот на ДУИ. Ние како коалиција нема да дозволиме ваквите постапки да останат неказнети“, велат од коалицијата Вреди.
По откривањето на неправилностите, Дрин Ахмети е повикан од Обвинителството да даде објаснувања, а против компанијата „Еверест ЈД“ е отворена истрага. Вреди повикува на целосна транспарентност и професионалност во постапувањето.
„Со падот на ДУИ во опозиција, завршува и нивното влијание врз судските и обвинителските институции. Ова е знак дека конечно можеме да очекуваме непристрасност во правосудството“, истакнаа од Вреди.
Коалицијата нагласува дека ќе продолжи будно да го следи случајот и да се бори за законитост и транспарентност.
„Ги уверуваме граѓаните дека нема да толерираме злоупотреби. Секој што се обидел да профитира на сметка на законот ќе биде соочен со последици. Вреди е коалиција за сите граѓани, а не за поединци или нивните внуци“, порачаа од коалицијата.