Американскиот претседател Доналд Трамп утре во Вашингтон прво ќе одржи средба само со украинскиот претседател Володимир Зеленски, a европските претставници потоа ќе присуствуваат на работен ручек и продолжение од разговорите, наведува германскиот весник Билд, повикувајќи се на упатени извори.
Во делегацијата на европските „тешкаши“ покрај германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе бидат и францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Стаб, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Причината за посетата е потенцијалното постигнување мировен договор меѓу Украина и Русија, по самитот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин одржана во Алјаска, каде што лидерите разговараа за евентуално завршување на конфликтот.
Европските лидери претходно инсистираа дека за мир може да се разговара само откако ќе се постигне примирје, но Трамп одлучи да го забрза процесот.
Американскиот претседател најави можност за трилатерална средба со претседателите Зеленски и Путин до крајот на следната недела, но под услов разговорот со украинскиот лидер во Овалната соба да помине добро, заклучува „Билд“.
По денешниот виртуелен состанок на „Коалицијата на подготвените“, имаше повеќе изјави од европските лидери кои учествуваа во разговорите насочени кон заштита на мировниот договор за Украина.
Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, на европските лидери им порача во случај да нема прекин на огнот во Украина, Европската Унија и САД мора да го зголемат притисокот врз Русија.
„Мора да се почитува сувереното право на Украина да ги утврди условите за мир“, објави Кошта на платформата Икс.
Финскиот претседател Александар Стуб рече дека „постои силен консензус меѓу земјите од коалицијата за потребата да се продолжи со поддршката на Украина“.
Чешкиот премиер Петр Фиала рече дека коалицијата се согласила дека непосреден приоритет мора да биде запирање на убивањето.
Виртуелната средба ја предводеа британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски учествуваше во видео повикот од Брисел, каде што го помина попладнето во друштво на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски рече дека „за време на разговорот, нагласил дека за да се постигне мир, притисокот мора да биде насочен кон агресорот, а не кон жртвата“.