Програмскиот совет на јавниот сервис МРТ го задолжи генералниот директор Марјан Цветковски да отвори дисциплинска постапка преку која ќе се истражи и утврди кој дозволил емитување на спорната песна за „Голема Албанија“, со која се шири меѓуетничка омраза и се искажуваат територијални аспирации кон Македонија и други соседни земји.
„Програмскиот совет на МРТ заклучи дека со емитувањето на содржината на МРТВ2, е констатирано прекршување на посебните забрани од член 48 од Закон за АВМУ. Програмскиот совет го задолжува директорот на МРТ согласно законските надлежности да преземе соодветни активности и мерки за утврдување на одговорноста во врска со констатираното прекршување“, се вели во заклучокот на Програмскиот совет на МРТВ
Директорот на МРТ Марјан Цветковски засега не соопштува кои ќе бидат неговите следни чекори. На прашање на новинари тој одговорил дека постапката е во тек, но штом ќе заврши, тој ќе ја извести јавноста за нејзиниот исход.
Според неофицијални извори со кои разговарал „Фокус“ најверојатно ќе биде разрешена од функцијата одговорната уредничка на МТВ2 Мерита Гаши, иако таа била на боледување во моментот кога содржината е емитувана. Сепак, не е познато дали таа ја правела програмската шема и дали истата ја одобрила.
– Постапката треба да покаже кај кого е одговорноста и тој да ги сноси последиците, но истовремено укажавме и дека е потребно да се зајакнат механизмите за надзор на сѐ што се емитува преку етерот на МРТ за во иднина да не се случуваат вакви и какви било прекршувања – изјави за „Фокус“ претседателот на Програмскиот совет Давор Пашоски.
Скандалозната песна за „Голема Албанија“ беше емитувана во саботата на 28.03 на програмата на МТВ 2 и предизвика бурни реакции во јавноста. Во рамките на детска фестивалска програма , беше прикажан настап на 13-годишно девојче кое ја изведе песната „Билбилите на Кораб“ („Trojet shqiptare“). Девојчето е овлечено во маичка со мапа на „Голема Албанија“, во која во рамки на Албанија се ставени големи делови од Македонија, Србија и Грција. Стиховите на песната јасно говорат за „обединување под едно занме, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги изврши вонреден надзор со кој е утврдено дека со емитувањето на оваа содржина Македонската радио-телевизија, односно Вториот програмски сервис МРТ2, го прекршил член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Надзорот покажа дека спротивно на член 48 став 2 од ЗААВМУ, емитуваната содржина на МРТ2, во рамки на музичката програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии“ – се вели во заклучокот на Извештајот на ААВМУ.
Tagged as:
ЗА СКАНДАЛОТ СО „ГОЛЕМА АЛБАНИЈА“ НАЈВЕРОЈАТНО „ЌЕ ЛЕТА“ УРЕДНИЧКАТА МЕРИТА ГАШИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
