Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски денеска изјави дека мора да има јасно насочување на пациентите за тоа која лабораторија во моментот не ги дава бараните услуги за тие да не лутаат, како и да се рационализира употребата на тумор маркери.
До септември годинава се направени речиси 250.000 анализи за тумор маркери. Според него, тоа што во моментот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија не се работат анализи за тумор маркери не ги загрозува пациентите.
– Институција со најголем број анализи за тумор маркери е Институтот за клиничка биохемија, кој е на само 200 метри од Клиниката. На Институтот се направени речиси 50.000 анализи, потоа следи Градската општа болница „8 Септември“ каде се направени над 12.000 анализи, а над 10.000 анализи се прават и во Куманово, Тетово и во други градови – рече Клековски.
Тој појасни дека во речиси сите градови има најмалку две институции, обично тоа се болницата и здравствениот дом, каде се работат тумор маркери.
– Најмногу тумор маркери се прават за простата (PSA) – над 65.000 до септември, а се направени и 21.000 анализи за тумор маркери за рак на дојка. Дали може подобро? Да, може подобро во две насоки. Првата насока е дека мора да има јасно насочување на пациентите, која лабораторија во моментот не ги дава бараните услуги за да не лутаат пациентите, посебно кога треба од општата болница да одат во здравствениот дом или обратно и второ да се рационализира употребата на тумор маркери – рече Клековски.
Тој нагласи дека ретко овие тумор маркери се користат за дијагностика. Таков е примерот за PSA за простата и тука веројатно треба да има многу повеќе направени анализи, бидејќи треба да се тестира здрава популација.
– На пример, ако имаме 2.500 пациенти со рак на дојка кои користат хормонална терапија, во моментот имаме 21.000 анализи направени за соодветниот тумор маркер што укажува дека најверојатно се прават непотребни анализи, бидејќи овие тумор маркери не помагаат во дијагностика на рак на дојка, туку се добри само за следење на состојбата. Ако имаме 2.500 такви пациенти, на три месеци да се контролираат, би требало да бидат 10.000 анализи годишно. Тоа треба да се рационализира за да се остави простор за пациентите на кои тоа им е неопходно, бидејќи често трошиме капацитети за пациенти на кои тоа не им неопходно и се создаваат проблеми за овие другите – истакна Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека цените за различни тумор маркери се различни и дека тие речиси 250.000 анализи чинат над два милиони евра во фактурирани услуги кон Фондот.



























