Вулканот Килауеа на Хаваи, еден од најактивните вулкани во светот, повторно еруптираше, при што од внатрешноста на кратерот се забележани импресивни сцени на протекување на лава. Ерупцијата, која е дел од засилената вулканска активност што трае од декември 2024 година, продолжува и понатаму.
Според Геолошкиот завод на САД, активната лава е јасно видлива, а се очекува натамошен развој на настаните во наредните денови. Иако досега не е прогласена вонредна состојба, надлежните будно ги следат движењето на лавата и можноста таа да го смени правецот, што би можело да претставува закана за населението, животната средина и за воздушниот сообраќај.
Килауеа е познат по своите повремени, но силни ерупции, кои покрај визуелната атрактивност, носат и потенцијални опасности. Жителите во околината се предупредени да останат внимателни, особено поради ризикот од ширење вулкански гасови и пепел, кои можат да го нарушат квалитетот на воздухот.
Од Геолошкиот завод на САД најавуваат продолжување на интензивниот надзор и навремено информирање на јавноста во случај на промени на интензитетот или на насоката на ерупцијата. На објавените снимки се гледа силен сјај на лавата во ноќните часови, придружен со густи облаци од гас што се издигнуваат над кратерот – слики кои уште еднаш ја потсетуваат јавноста на моќта и непредвидливоста на природата.