Вулканот Левотоби Лаки-Лаки во источна Индонезија денес повторно еруптираше, исфрлајќи облаци од пепел во висина до еден километар, додека властите го кренаа нивото на тревога на највисоко ниво.
Вулканот Левотоби Лаки-Лаки на туристичкиот остров Флорес еруптираше по полноќ синоќа, исфрлајќи густ пепел на 1,2 километри над својот врв, соопшти локалната агенција за вулканологија.
Според истиот извор, по ова следела уште една ерупција во 9:36 часот наутро.
Властите веќе го кренаа нивото на тревога на максимум за вулканот со два врва и висина од 1.584 метри во недела навечер.
„Резултатите од визуелните и инструменталните анализи покажаа дека активноста на вулканот Левотоби Лаки-Лаки е сè уште висока“, соопшти синоќа индонезиската геолошка агенција, предупредувајќи на потенцијалниот ризик од „уште поголема ерупција“.
Жителите на околните градови беа замолени да носат маски за да се заштитат од вулканска пепел, а туристите беа замолени да не се приближуваат до кратерот на помалку од шест километри оддалеченост.
Исто така, постои предупредување за ризик од лизгање на земјиштето во случај на обилни дождови, особено за заедниците лоцирани околу реките што извираат на врвот на вулканот.
Левотоби Лаки-Лаки веќе еруптираше неколку пати во ноември, кога загинаа девет лица, а десетици меѓународни летови беа откажани. Потоа беа евакуирани неколку илјади луѓе.