Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четврток вечерта во Белград изјави дека не ги следел детално настаните во Република Српска во последните денови и дека, како што рече, можеби е најдобро да не се коментираат.
Во изјава за Радиотелевизија Србија, Вучиќ рече дека „ѝ посакува се најдобро на Република Српска“, дека се надева дека „сè ќе помине мирно“ и додаде дека Србија ќе продолжи да му помага на тој ентитет во развојот на инфраструктурата.
„На Република Српска ѝ посакувам се најдобро, не разбирав сè што се случуваше. Можеби е најдобро да не коментирам ништо. Се надевам дека сè ќе помине мирно. Среќен сум кога Република Српска е среќна. Сè што можеме да помогнеме во изградбата на патишта и инфраструктура, секогаш ќе го правиме“, рече Вучиќ.
Бета потсетува дека владејачката коалиција во Република Српска, предводена од Милорад Додик, минатата недела ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ, долгогодишна соработничка на Додик, за која медиумите известуваат дека е прозападна, за вршител на должноста претседател на ентитетот. Пратениците претходно беа информирани дека на оваа позиција ќе биде назначена Жељка Цвијановиќ, српска членка на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Во исто време, коалицијата поништи пакет закони што Уставниот суд на Босна и Херцеговина претходно ги прогласи за антидејтонски и неуставни.
Некои медиуми ги оценија овие потези како можен почеток на спроведувањето на таканаречениот американски план за деескалација на политичката криза во Босна и Херцеговина.



























