Прашање на ден е кога демонстрантите ќе убијат некого, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до јавноста по протестите во изминативе денови при кои беа запалени партиски простории на СНС и на други партии. Тој најави решителни чекори за ставање крај на протестите.
Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилства во Ваљево, Белград и во Нови Сад, вклучително и за палења и напади врз простории на политички партии, на полицијата и на други институции. Тој оцени дека она што се
случуваше во Нови Сад и во Ваљево, каде што беа демолирани и запалени просториите на владејачката Српска напредна партија е тероризам. Вучиќ рече дека станува збор контролирани сценарија на хаос, според кои протестите се организирани со цел дестабилизација и поттикнување изборни барања.
Тој најави дека во наредните 3-4 дена ќе следат „изненадувачки одлуки“ на државата, односно „решителна акција на државата за враќање на мирот и поредокот во Србија“. Рече и дека за 10 дена ќе бидат приведени сите кои учествувале во нередите.
– Со народот на Србија ќе го победиме ова зло. Во еден момент ќе ја видите сета моќ на државата Србија и ние ќе искористиме сè што е на располагање за да го вратиме мирот и редот во земјата и ќе победиме – рече претседателот Вучиќ и додаде дека државата ќе се спротистави на внатрешниот хаос и на надворешните притисоци.
Тој ги повика обвинителите да реагираат.
– Само се плашам дека во следните неколку дена да не убијат некого, пред формално правно да подготвиме сè за реакцијата на државата и сè друго што е неопходно. Тоа е сè што им остана, правеа сè друго – рече Вучиќ на прес конференцијата во Палата Србија, на која приуствуваше и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.
Вучиќ додаде дека државата ќе ги заштити „сите граѓани од насилство врз нив и нивниот имот“ и дека реакцијата на државата „ќе биде различна“ од претходно.
Според него, во последните два-три дена се повредени 173 полицајци, кои биле задолжени за одржување на јавниот ред и мир за време на ненајавени собири.
– Или ќе ги браниме вредностите на нормалниот, пристоен и демократски живот или ќе имаме ситуации да ни доаѓаат по куќите, а ние да стоиме и да гледаме – рече Вучиќ.
Тој ги праша „оние што организираат и вршат насилство што ќе прават утре кога клатното ќе се заниша и некои други ќе почнат да доаѓаат пред нивните куќи“.
На крајот, рече дека досега не слушнал реакција од еврокомесарката Марта Кос за палењето на просториите на СНС и праша дали таа воопшто го видела тоа.