Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Ниш изјави дека повеќе не го интересираат никакви барања, дека тоа е „завршена приказна“ и дека „отсега па натаму, само народот ќе се слуша“. Тој на митингот во Ниш додаде дека е подготвен да им „подаде рака“ на своите политички противници и да ги покани повторно на разговор, за проблемите и разликите да се решаваат во институциите, а не на улица.
– Дојдоа кај мене, конечно станав компетентен, но нема повеќе барања, не ме интересираат вашите барања, приказната е завршена – рече Вучиќ на собирот во Ниш на Движењето за народот и државата „Не ја даваме Србија“.
Тој оцени дека студентите се „заведени од социјалните мрежи и од нивните професори“.
– Да разговараме, за да не се решаваат проблемите на улица, туку да ги решаваме проблемите и разликите во институциите. Нека се нервираат сите други околу нас, а ние да одиме напред како брз воз. Знам дека ќе одбијат, но ние повторно ќе подадеме рака, бидејќи знаеме дека Србија ни припаѓа на сите нас – рече Вучиќ.
Според него, ќе има избори кога надлежните институции ќе донесат одлуки и е убеден дека неговите политички противници „ќе ги изгубат со многу поголема разлика отколку минатиот пат“.