Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград порача дека единствена реална стратегија за стабилен регион е сите кандидати од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија истовремено.
Настапувајќи на форумот „BELTALKS: Белградски економски разговори“, организиран од GLOBSEC, тој ја најави иницијативата како дел од својата утрешна агенда на средбите во Брисел со Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.
– Ако прифатите еден, двајца или тројца од нас, што ќе правиме со останатите? Како ќе ги решиме отворените прашања? – праша Вучиќ, повикувајќи на колективен пристап кон проширувањето на Унијата.
„Дајте сите да се чувствуваме добро“
Тој оцени дека „само Европа без внатрешни граници“ може да гарантира стабилност и напредок за народите во регионот.
– Србите ќе се чувствуваат подобро, Бошњаците ќе се чувствуваат подобро, Албанците ќе се чувствуваат подобро, Хрватите ќе бидат добро… тоа е моја идеја и така ќе им кажам на Фон дер Лајен и Кошта – додаде Вучиќ.
Нафта, рокови и неизвесност
Во врска со кризата околу Нафтената индустрија на Србија, Вучиќ наведе дека рокот за решавање е 15 јануари, нагласувајќи дека државата мора да го заштити својот финансиски систем и инвестициски рејтинг.
– Прва можност е САД да укинат санкции за руските субјекти, но шансите се под 10 проценти. Втора е Русите да ги продадат акциите на партнерска компанија. Третата, најтешка, е државата да интервенира – рече тој, додавајќи дека Белград внимателно ги следи сите опции.
„Следи голема војна“
Во завршницата на говорот, Вучиќ предупреди дека светот се движи кон нова голема војна во следните осумнаесет месеци.
Тој повтори дека, и покрај нападите и навредите од соседите, Србија ќе продолжи да се однесува воздржано и одговорно.




























