Трагедијата во Кочани ги погоди и граѓаните на Србија. Претседателот Александар Вучиќ ги посети повредените Македонци кои се на лекување во Србија, по страшниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“.
Вучиќ изрази длабоко сочувство и солидарност, посочувајќи дека трагедијата во Кочани ја доживува како своја и како да се случила каде било во Србија.
„За нас трагедијата во Кочани е како да се случила каде било кај нас. Верувам дека ќе успееме да им помогнеме на овие луѓе кои дојдоа со многу тешки повреди. Ние сме на располагање на нашите македонски браќа и пријатели, и сме подготвени да примиме уште пациенти, бидејќи располагаме со врвно опремени болници“, напиша Вучиќ.
Тој додаде дека невозможно е да се најдат подобри услуги во Европа.
„Никаде во Европа нема интензивна нега со подобри услови од овде во Белград“, порача Вучиќ.
Вучиќ додаде дека кај неколку пациенти најголем проблем претставуваат повредите на респираторниот систем.
„Кај нас ќе дојдат уште 12 пациенти, ги имаме на ВМА, ги имаме во Клиничкиот центар во Ниш. Ќе дојдат уште 12 пациенти и како што сега стојат работите, вкупно 29 пациенти ќе бидат во Србија“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека македонскиот народ минува низ тежок период, нагласувајќи дека Србија секогаш ќе биде тука за Македонија, како што и Македонија била за Србија.
„На македонскиот народ нема да му биде лесно, а ние секогаш ќе бидеме со нив, како што и тие беа со нас“, порача српскиот претседател.
Пожарот во дискотеката во Кочани предизвика сериозни последици, со бројни повредени лица, од кои дел беа пренесени во Србија. Претседателот Вучиќ лично ги посети во белградските болници каде што им беше укажана медицинска помош.