Време е да се објават досиејата на Епстајн, бидејќи немаме што да криеме, напиша претседателот на САД Доналд Трамп на социјалните мрежи повикувајќи ги Републиканците да гласаат „за“. Според него, откривањето на документите ќе стави крај на, како што ја нарече, „измамата на демократите“ насочена кон оцрнување на неговото име.
Позицијата на Трамп доаѓа како изненадување, коментира Би-Би-Си.
„Главната промена во ставот на Трамп доаѓа откако потенцијално десетици републиканци сигнализираа дека се подготвени да ги напуштат редовите и да гласаат за објавување на документите“.
Американските законодавци, кои со месеци притискаат за декласификација на документите поврзани со истрагата против финансиерот Џефри Епстин, конечно се приближуваат до историска победа. Очекувањата се дека Претставничкиот дом ќе гласа во корист на предлог-законот, откако повеќе од сто републиканци застанале зад иницијативата, дел од нив и покрај првичниот отпор на раководството и на самиот Доналд Трамп, јави Политико.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, деновиве изјави дека гласањето за објавување на документите би помогнало да се стави крај на шпекулациите дека Трамп имал поврзаност со Епстајн.
– Републиканците во Домот треба да гласаат за откривање на досиејата, бидејќи немаме што да криеме – напиша Трамп, повикувајќи на транспарентност.
Во објавата тој ги нападна „радикалните левичари“, обвинувајќи ги дека го користат случајот за да го свртат вниманието од, како што рече, „успесите на Републиканската партија“.
Во јавноста повторно се појавија документи што отвораат дилеми за мрежата на Епстајн, меѓу нив и е-пошта од 2019 година во која тој наводно пишува дека Трамп „знаел за девојките“. Белата куќа ги обвини демократите дека селективно објавуваат материјали за да го компромитираат поранешниот претседател.
Иако Трамп и Епстајн се фотографирани заедно на настани од 90-тите, Трамп тврди дека двајцата се скарале „пред да излезат обвиненијата“. По самоубиството на Епстајн во 2019 година, Трамп нареди Министерството за правда на САД да испита дали видни демократи имале поврзаност со финансиерот.
Трамп никогаш не бил обвинет во врска со случајот. Официјално, Епстајн почина во затвор додека го очекуваше судењето за сексуална трговија. Тој имал блиски врски со политичари и славни личности од целиот свет.




























