ОФИЦИЈАЛНО СООПШТЕНИЕ: РЕКОРДНИ УСПЕСИ НА ВЛАДАТА
Скопје, 1 април 2025
Владата на Република Северна Македонија со гордост објавува рекордни успеси во сите сфери на општественото живеење!
НЕВИДЕНА БОРБА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ
Во најновиот извештај на специјалното одделение за борба против организираниот криминал се наведува дека криминалот е целосно искоренет од нашата држава. Сите криминалци се посрамија од ефикасноста на нашите институции и масовно почнаа да се пријавуваат во најблиските полициски станици.
“Едноставно не можев да издржам од чувството на вина“, изјави еден поранешен криминалец. “Нашиот министер за внатрешни работи толку убедливо зборуваше на прес-конференција дека решив да се предадам”.
Затворите сега се преполни со покајници кои се натпреваруваат кој ќе врати повеќе пари во буџетот.
ЕКОНОМСКИ БУМ ПРЕКУ ИНОВАТИВНИ ПОЛИТИКИ
Економијата бележи историски раст од 250% за само три месеци! Просечната плата достигна неверојатни 5.000 евра, а невработеноста е во минус – имаме повеќе работни места отколку работоспособно население.
“Морав да вработам пет пензионери и три мачки за да ги пополнам сите слободни работни места во мојата фирма”, изјави еден бизнисмен.
ОПОЗИЦИЈАТА КРАЈНО ЗГРОЗЕНА ОД СОПСТВЕНАТА НЕКОМПЕТЕНТНОСТ
Во меѓувреме, опозицијата објави дека се самораспушта поради “крајна посраменост од владините успеси”. На прес-конференција, опозицискиот лидер, видно потресен, изјави:
“Ги признавам сите обвинувања што владата ги упати кон нас. Да, ние сме тие што ги кршевме сообраќајните знаци. Ние ги запушувавме градските шахти. Ние ја намалувавме температурата на Сонцето за да ја саботираме владината соларна програма. Не заслужуваме да бидеме опозиција на ваква брилијантна влада.”
МЕЃУНАРОДНИ РЕАКЦИИ
Генералниот секретар на Обединетите нации издаде специјално соопштение во кое објави дека ОН се преселуваат од Њујорк во Скопје, “поради неверојатниот пример што Северна Македонија го дава на цел свет”.
Напомена: Оваа статија е пародија по повод 1 април – Денот на шегата. Сите совпаѓања со вистински личности, институции или настани се целосно ненамерни и уште поневеројатни од содржината на текстот.
С.Денесовски