Меган Маркл и принцот Хари денеска ја слават седмата годишнина од бракот. По тој повод, Меган му посвети трогателна објава на Инстаграм на својот сопруг.
„Седум години брак, цел живот со приказни. Ви благодариме на сите вас (без разлика дали сте со нас или нè следите од далеку) што нè поддржувате и нè сакате низ целата наша љубовна приказна – ве цениме. Среќна годишнина!“, напишала војвотката од Сасекс.
Заедно со тоа, Меган објавила фотографија од ѕиден панел на кој прикачила досега невидени фотографии со својот сопруг.
Да потсетиме, кон крајот на април, Меган признала во поткастот со Џејми Керн Лима дека имало недоразбирања во нејзиниот брак со Хари.
„На почетокот сè е прекрасно и имате пеперутки во стомакот, но потоа многу брзо почнавме да се караме. Сè почна да се случува од никаде, по околу шест месеци врска“, раскажала Меган.
Таа, исто така, истакнала дека работите се поинакви по седум години брак, велејќи дека сега двајцата имаат малку „простор за дишење“.
„Можеме да уживаме еден во друг на нов начин и затоа чувствувам дека за нас сега повторно дојде периодот на меден месец“, заклучила војвотката.
Венчавката на принцот Хари и Меган беше еден од главните настани во 2018 година. Покојната кралица Елизабета Втора тогаш на Хари му ја додели титулата војвода од Сасекс, со што Меган стана војвотка. Откако таа и Хари го напуштија кралското семејство, тие се согласија да не ги користат своите титули во јавниот живот, но Меган неодамна ѝ испрати на Џејми Керн Лима кошничка со картичка на која се потпишала како „војвотката од Сасекс“.
Принцот Хари и Меган Маркл добија две деца, принцот Арчи (6) и принцезата Лилибет (3) во бракот.