Во организација на британскиот премиер Кир Стармер денеска во Лондон ќе се одржи самит со учество на 15-тина лидери од Европа, посветен на „унапредување на европските активности за Украина и безбедноста“.
„Премиерот Стармер ќе го искористи самитот за да ги унапреди европските активности за Украина, демонстрирајќи ја нашата непоколеблива колективна поддршка за праведен и траен мир и трајно решение кое ги гарантира идниот суверенитет и безбедност на Украина“, соопшти Даунинг стрит 10 во петокот.
Во соопштението се посочува дека во пресрет на самитот, Стармер претпладнево ќе има телефонски разговори со лидерите на балтичките земји, по што ќе одржи средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европскиот самит е предвиден за попладнево и според најавите на него се поканети лидерите на Германија, Данска, Италија, Норвешка, Полска, Романија, Турција, Финска, Франција, Холандија, Чешка, Шведска и Шпанија, како и Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Пред почетокот на самитот предвидена е билатерална средба на Стармер со италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Стармер го свика лондонскиот самит по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон во четвртокот на која, меѓу другото, се разговараше за напорите за постигнување мир во Украина, за испраќање мировни сили во земјата по евентуален договор за прекин на огнот, како и за зголемувањето на трошоците за одбраната.
Дауниг Стрит 10 во петокот вечерта соопшти дека Стармер имал телефонски разговори со Трамп и Зеленски, по нивната скандалозна средба во Белата куќа. На средбата, кој заврши со предвремено напуштање на Зеленски на Овалниот кабинет, Трамп му порача на својот украински колега дека „треба да биде поблагодарен за американската помош“ и го обвини дека „се коцка со Третата светска војна“.
Во соопштението на Кабинетот на британскиот премиер се посочува дека во телефонските разговори Стармер ја повторил својата поддршка за Украина.
„Стармер“ ја потврдува непоколебливата поддршка за Украина и прави се што може за отворање на патот кон траен мир базиран на суверенитетот и безбедноста на Украина“, се додава во соопштението на Даунинг стрит 10.
Средбата во Лондон доаѓа пред специјалниот Самит на ЕУ, закажан за в четврток, на кој исто така главни теми ќе бидат Украина и одбраната на Европа.