Во Хрватска е потврден случај на антракс , опасна заразна болест која ги погодува животните, но може да се пренесе и на луѓето.
Инфекцијата е откриена на подрачјето на општина Врлика, а надлежните служби веднаш покренаа низа итни мерки, вклучувајќи задолжителна вакцинација на добитокот и превентивен антибиотски третман на лицата кои биле во контакт со заразен добиток, беше објавено на вонредна прес-конференција во Загреб.
Според хрватскиот министер за земјоделство, Давид Влајчиќ, досега се тестирани 13 примероци, а првиот позитивен резултат за антракс пристигна вчера. Три примероци сè уште се обработуваат.
– Веднаш ги информиравме сите надлежни служби. Ситуацијата е кризна. Притисокот врз системот е огромен, но сега конечно имаме поцелосна слика и можеме да дејствуваме решително – рече Влајчиќ.
Иако не може со сигурност да се тврди дека сите четириесет говеда што умреле биле заразени со антракс, во тек се токсиколошки анализи, кои треба да ја разјаснат причината за смртта на добитокот.
Директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје Крунослав Чапак потврди дека епидемиолошката служба реагирала веднаш по добивањето на информациите за потврдениот случај.
-Ги идентификувавме сите лица кои биле во контакт со заразен добиток. Сите ќе примаат превентивни антибиотици во следните десет дена – рече Чапак, додавајќи дека „ризикот за општата популација не е висок“ и дека претходното искуство од Лоњско поле покажува како болеста ефикасно се сузбива со навремени мерки.
Антраксот е болест која најчесто се пренесува преку контакт со заразени животни или контаминирани материјали, но не е многу заразна меѓу луѓето.
Инфекцијата може да се случи ако споробактериите дојдат во контакт со отворена рана, но ваквите случаи се многу ретки. Повеќето епидемии се случуваат по поројни дождови и поплави, кога спорите излегуваат од почвата.