Во голема полициска акција изутринава, која се одвивала истовремено на повеќе локации во Скопје и околните села, уапсени се 12 лица осомничени за учество во организирана група која тргувала со оружје и продавала кокаин. Акцијата ја спровеле полициски екипи од Одделот за сузбивање организиран криминал, под раководство на обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Плусинфо уште утрово објави детали од акцијата, а во меѓувреме од МВР и ОЈО го потврдија случувањето: претресите се спроведени во селата Брест, Инџиково и Арачиново, како и во скопските населби Ченто и Чаир.
о акцијата беа лишени од слобода 12 лица: Н.С.(70), Ф.С.(42), Ќ.С.(44), Б.А.(40), С.Д.(37), Ф.Д.(35), Н.А.(59), Р.К.(27), Н.Л.(44), А.К.(35), З.М.(61) и Р.С.(27), за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. Едно лице дополнително се сомничи за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Од истрагата произлегува дека групата функционирала најмалку осум месеци – од април до декември 2025 година. Првоосомничениот набавувал оружје и муниција од Косово, кои нелегално ги внесувал во Македонија, а потоа ги складирал во селата Сингелиќ и Брест.
Според информациите кои ги сподели МВР со јавноста е утврдено дека групата била добро организирана.
– Секој имал своја точно утврдена улога. Едни ги носеле оружјето и муницијата, други ги барале купувачите, а трети го координирале транспортот – велат од полицијата.
Според документите од истрагата, еден од уапсените воедно продавал и кокаин, што дополнително ја проширило дејноста на групата.
Од Обвинителството исто така потврдија дека сите 12 лица се осомничени за злосторничко здружување и трговија со оружје, а за едно лице има и сомневање за трговија со дрога.
– Доказите покажуваат сериозна и организирана структура. Затоа ќе побараме на сите да им биде одреден притвор – информираат од Обвинителството.
Судија на претходна постапка од Кривичниот суд треба да одлучи за мерката притвор во текот на денот.




























