Во пресрет на летната сезона и зголемената опасност од пожари, Владата го усвои Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој предвидува ангажман на 400 нови пожарникари во општините со најголем ризик од шумски пожари.
„Со оваа мерка сакаме да обезбедиме навремена и брза реакција при појава на пожари, особено во летниот период кога огнената стихија претставува сериозна закана за животите на граѓаните, шумите и материјалните добра“, изјавија од Владата за медиумите.
Според планот, новите пожарникари ќе бидат распределени токму во општините каде што се идентификувани најголеми потреби и каде што пожарите се најчести. Надлежните нагласуваат дека со ваквиот потег не само што ќе се зголеми капацитетот за брза интервенција, туку ќе се даде и поддршка на постојниот кадар кој, како што посочуваат, „дава натчовечки напори и секојдневно ги ризикува своите животи во борба со огнот“.
Во рамки на истиот оперативен план, Владата најави и вработување на уште 600 невработени лица кои ќе бидат вклучени во јавни работи и локални проекти поврзани со инфраструктура и заштита на животната средина.
„Оваа иницијатива претставува двоен придонес – од една страна, помага во борбата против климатските предизвици и катастрофите, а од друга страна, нуди работа и поддршка за локалниот развој“, велат од Владата.
Тие потенцираат дека остануваат посветени на донесување на одлуки во интерес на граѓаните: „Здравата животна средина, заштитата на граѓаните и спречување на катастрофални појави во летниот период се наш врвен приоритет“.