Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, соопшти извршната власт.
Формирањето на овој факултет, се вели во соопштението, е стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование, особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
„Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки. Имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува Универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите, најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование“, соопшти Владата.
Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за обезбедување на буџетско учество за реализација на заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и за реконструкција на училишта.
„Во рамките на Министерството за образование и наука се реализира проектот Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и рехабилитација на основни и средни училишта. Истиот има за цел да обезбеди подобри услови за реализација на наставата, како и да го унапреди училишниот спорт, здравјето и здравите навики на учениците. Изградбата на училишни спортски сали е дел од програмата на Владата и е уште еден од проектите чија реализација почнува. За таа цел, Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за обезбедување на буџетско учество за реализација на заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и за реконструкција на училишта. Владата даде согласност за преземање обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во 2026, 2027, 2028 и 2029 година за заемот за изградба и опремување на 30 училишни спортски сали во основните училишта и реконструкција на училишта“, се вели во соопштението на Владата.