Премиерот Христијан Мицкоски, денес во просториите на Владата, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја, извести Владата.
„На средбата се разговараше за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација“, се вели во соопштението.
Владата информира дека премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
„Тој посочи дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“.
Во текстот се вели и дека посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.