Германската авиокомпанија „Луфтханза“ би можела да укине околу 100 домашни летови неделно следното лето поради зголемените даноци и аеродромските такси кои ја оптоваруваат профитабилноста, изјави денеска извршниот директор на авиокомпанијата, Карстен Шпор.
– Без намалување на оперативните трошоци во Германија, новите укинувања ќе бидат неизбежни – изјави Шпор за весникот „Велт ам Зонтаг“, наведувајќи дека се разгледуваат рутите од Минхен до Минстер-Оснабрик и Дрезден, каде компанијата моментално работи со загуба.
Тој истакна дека државните трошоци за авијација во Германија речиси двојно се зголемиле од 2019 година.
Според него, високите такси најмногу ги погодуваат картите во економска класа, додека стапките на пополнетост во повисоките класи се зголемуваат, објави „Блумберг“.
Авиокомпаниите веќе долго време предупредуваат за високите аеродромски такси.
Рајанер оваа недела најави намалување на зимскиот капацитет од 800.000 патници во Германија и откажување на 24 рути поради истите причини.
„Луфтханза“, која настојува да се опорави поради падот на профитот, планира да намали околу 4.000 административни работни места до 2030 година.
Во меѓувреме, нејзината нискобуџетна подружница „Дискавер“ планира да ја прошири својата флота за 10 авиони, вклучувајќи четири „А350-900“, за да ја зголеми ефикасноста на летовите на долги релации.