Поради отсуство на нови обучени кадри, истите пензионирани пилоти кои лани храбро се бореа со огнените стихии повторно ќе ги управуваат авионите „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Стојанче Ангелов, в.д. директор на ДЗС, вчера официјално потпиша договор за ангажман со ветераните Стоје Арсовски и Васко Михалчев – пилоти кои и минатото лето беа клучен дел од противпожарната операција низ цела Македонија.
– Со овој договор, двата противпожарни авиони повторно ќе бидат ставени во оперативна функција за навремено гаснење на пожари на отворено – велат од ДЗС.
Во моментов, само еден авион е во функција, додека вториот се очекува наскоро да се врати од редовен сервис во Австрија.
Поради тоа што земјата не располага со нови пилоти, ангажманот на пензионираните асови повторно е единственото решение за оваа пожароопасна сезона. Лани, Арсовски и Михалчев беа главниот столб во гаснењето на големите пожари низ Кочани, Делчево, Струга и други региони.