Централната Бадникова поворка во Скопје обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои заедно со општинските тимови во претпладневните часови ги пречекаа и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства се упатија кон централната манифестација.
Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.
Во Соборниот храм децата ја пееја песната „Вечниот Бог“, којашто ја најавува радосната вест за Христовото раѓање.
Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, пренесувајќи ја пораката за верата, љубовта и духовната радост – вредности што Бадниковите поворки ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години.
Веќе 16-та година по ред, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
Вербата во Бога и традицијата се вредностите на кои почива нашето самобитие, истакна градоначалникот Тони Коњановски кој заедно со најмладите битолчани учествуваше на Бадникова поворка.
Традиционалниот настан почна од плоштадот „Магнолија“ и со песната „Вечниот Бог“ се пееше низ Широк сокак до Офицерски дом во Битола.
Учесниците на денешната Бадникова поворка од градоначалникот добија пригодни Тони Коњановски Бадникови подароци.
Празнувањето во Делчево започна со вечерна богослужба во храмот, а потоа низ улиците на градот се одржа Бадниковата поворка, која веќе со години претставува препознатлив духовен настан во Делчево.
– Овие големи празници, Божик, Богојавление и Велигден, се темелот на нашата православна вера. Без Божик не би можеле да го имаме ни Велигден, а Богојавление ни ја открива Светата Троица. Затоа Црквата со посебна свеченост ги дочекува, започнувајќи ги со вечерна богослужба и Литургија – истакна епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко.
Обилниот врнежи од дожд кои непрекинато врнат во Дебар, не ги спречи малите бадникари да ја продолжат традицијата и да ја одржат бадниковата поворка на радоста. Поворката ја сочинуваат деца од градот, како и оние дојдени за празникот, кај своите баби и дедовци и неколку од долнореканските села, Битуше и Велебрдо, но имајќи го во предвид малиот број православни бројот на децата беше помал, кој се намалува секоја година.
– Иако, нас православните не има се помалку по број, продолжуваме со традиците. Песната „Вечниот Бог“, одекнуваше низ улиците. Срцето ми се исполни со радост а душата ми ја стоплија овие мали ангелчиња – рече за МИА, Весна Миновска, која гордо го следеше внукот Симон, кој со родителите живее во Гевгелија а за празниците се тука.
Во Македонска Каменица, во утринските часови, освен поворката, во храмот беше отслужена Божествена литургија од Неговото Преосвештенство, епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко, на која присуствуваа голем број верници и граѓани.
– Со особена радост ги проследив најмладите кои, со чисти срца и детска искреност, учествуваа во Бадниковата поворка, сведочејќи ја живата вера, надежта и љубовта што се пренесуваат од поколение на поколение – посочи градоначалничката Соња Стаменкова.
Во Крива Паланка, манифестацијата започна претпладне од плоштадот „Карпошово востание“, од кадешто тргна свечената бадникова поворка во која учествуваа над двесте дечиња од двете основни училишта во Крива Паланка, како и членови на културно-уметничките друштва, кои со симболичните божиќни ѕвезди пеејќи бадникови и божиќни песни, продефилираа низ централното градско подрачје сѐ до градскиот плоштад.
Настанот беше збогатен со свечена програма – концерт бадникови и божиќни песни во изведба на ученици од градот, под раководство на професорката Лариса Жулина Митовски.
Децата од Куманово учествуваа во Бадниковата поворка и ја пееја „Вечниот бог“. Со ѕвездички во рацете и пештера се движеа од соколанскиот парк по централните градски улици до градскиот плоштад.
Манифестацијата која се одржува по 11-ти пат ја организираа „Бадникови поворки“ со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.
Во Струмица денеска Фондацијата „Елеуса“ во соработка со Струмичката Епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј” и ВИС „Стихири“, а под покровителство на Општина Струмица и годинава традиционално организираа Бадникарски концерт и поворка.
Одбележувањето на Бадник почна со Бадникарска поворка од Манастирот „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, која се движеше до зградата на Општина Струмица, каде младите бадникари ги пречекаа градоначалникот Петар Јанков и викарниот епископ Стобиски Јаков и притоа им поделија пакетчиња.
Според градоначалникот Петар Јанков, ова е еден прекрасен настан кој ја негува нашата традиција.
Бадникова поворка се одржа во Тетово и покрај интензивен дожд. Во Соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија Свети Кирил и Методиј во Тетово, надлежниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Василиева Литургија. Тој потоа ги благослови децата бадникари кои тргнаа со поворка од Соборниот храм Свети Кирил и Методиј пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ со која се најави Рождеството Христово низ градските улици и булевари.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
