Васил Јованов, обвинет за сообраќајната несреќа во која на 29 јануари годинава трагично загина Фросина Кулакова, денеска беше осуден на 12 години затвор, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Судијката Снежана Марковска ја изрече пресудата за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето“, откако беше утврдено дека Јованов со своето несовесно и опасно возење директно придонел за смртта на младата Кулакова.
Јованов доби и забрана за управување на возило од Б категорија во времетраење од 5 години, а ќе треба и да ги надомести сите трошоци на кривичната постапка. Пресудата не е правосилна и Јованов има право на жалба пред второстепен суд.
Во судницата владееше напната атмосфера. Родителите на починатата не можеа да ја скријат болката и револтот. Таткото на Фросина ја напушти судницата веднаш по изрекувањето на пресудата, изразувајќи јавно незадоволство од висината на казната, додека мајката и сестрата во солзи останаа во судската сала.
Тие од почеток бараа максимална казна за сторителот, а тоа е 20 години затвор.
– Судот мафија! – извикуваше таткото на Фросина додека ја напушташе судницата.
Обвинителството побара мерката притвор за неправосилно осудениот Васил Јованов, да му биде продолжена. Тие сметаат дека тој може да го повтори делото или да побегне.
Адвокатот Сашко Дуковски се противеше на ваквата мерка и рече дека неговиот клиент не може повторно да го стори истото дело. Јованов само кратко рече дека нема никакво барање.
– Предлагам мерката притвор да се одржи до ефективното издржување на казната заствор, поради исполнетоста на законските услови, односно поради фактот дека сѐ уште постои опасност од бегство на обвинетиот и постои основан страв дека ќе го повтори кривичното дело – рече обвинителот Александар Маркоски.
Дуковски, пак, рече дека станува збор за кривично дело коешто не се врши секојдневно, а обвинетиот не може да го повтори.
– Поаѓајќи од воспоставената пракса на овој и другите судови и изрекувајќи на казна од вакво траење, му оставам на судот да се произнесе и да определи дали продолжувањето на притворот е потребно во смисла на одребите на законот, односно поради опасност од бегство. Апсолутно се противам за продолжување на притворот по изрекување на пресудата, односно повторување на делото – рече адвокатот.
На крајот, судот побара изјаснување и од Јованов.
– Немам никакво барање – рече Јованов.
Сообраќајната несреќа се случи на булеварот Партизански Одреди, кога Јованов управувајќи со голема брзина и под дејство на алкохол, изгубил контрола над возилото и ја прегазил Фросина Кулакова која преминувала улица на пешачки премин.
