Буџетот за 2026 година е документ којшто е реален и нуди решенија за проблемите на граѓаните и со кои што ние ја даваме конкретната слика за нашата економска филозофија, а тоа е реализација на капитални инвестиции, повеќе пари за плати, повеќе пари за пензии, нови училишта, спортски игралишта нови болници, развивање на инфраструктурата. И тоа што сметаме ние дека е важно е секако финансиска консолидација, нешто што и беше клучно потребно на нашата држава, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
Тој во емисија на телевизија Њузмакс Балканс, информира дека Буџетот за следната година е на износ од 6,7 милијарди евра и е реално планиран и ќе обезбеди континуиран економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Она коешто е важно и коешто граѓаните треба да го знаат, сме успеале да обезбедиме повеќе средства и за повисоки плати, пензии и една сума којашто е реална за реализација на капиталните инвестиции, бидејќи сметаме дека оваа држава треба на тој начин да се развива. Важно е тоа што имаме проектирано и повисок раст на БДП, којшто е по основ на досегашниот раст од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, 4 квартали имаме над 3% раст, дефицитот е намален за 0,5%, и што ни дава можност да веруваме дека ова е едно реално планирање на овој програмски документ – реле Стојановски.
По основ на тоа што е планирано и реализирано оваа година, додаде тој имаме испланирано за оваа година 660 милиони евра за капитални инвестиции.
-Тоа се зрели проекти, проекти кои се веќе во реализација и ќе се потпреме на оние проекти во општините кои државата ги финансира, а сега се во полн ек на реализација – рече Стојаноски.
Утре почнува собраниската расправа за буџетот за следната година на кој се поднесени 200 амандмани.
Буџетот предвидува 6,7 милијарди евра расходи, 6,1 милијарда приходи и дефицит од 3,5% од БДП. Според документот, економскиот раст е проектиран на 3,8%, a инфлацијата на 2,5%.



























