Портпаролката на Владата, Марија Митева вечерва информираше за заклучоците од вонредната седница на Владата што се одржа доцна попладнево. Таа рече дека се донесени четири заклучоци во врска со одлуката за определување денови на жалост и погребот на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што ќе се одржи утре.
Меѓу одлуките е и препорака локалната самоуправа и на приватните фирми во Кочани утре да не работат.
– Се задолжуваат државните институции, а се препорачува на локалната самоуправа и работодавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на подрачјето на Кочани, а здравствените, образовните и установите за згрижување и воспитување на децата, се мисли на градинките, да организираат вршење услуги согласно потребите. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги преземе потребните безбедносни и сообраќајни мерки. Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Центарот за управување со кризи да обезбеди амбулантни возила. Територијалната противпожарна единица Кочани да ги преземе мерките и активностите согласно своите надлежности – изјави Митева.
Таа информираше и за безбедносениот протокол и насоките за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани што ги донесе Владата.
– За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови) – рече таа.
Митева посочи дека овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите и да им овозможи на новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца. Таа повика да се следат универзалните етички стандарди за професионално известување.