Уставниот суд на Бугарија ја поништи одлуката на поранешната претседателка на парламентот Росица Киселова, оценувајќи дека неправилно ја отфрлила иницијативата на претседателот Румен Радев за одржување референдум околу воведувањето на еврото. Со оваа одлука, судиите оценија дека парламентот мора да ја разгледа иницијативата во редовна постапка, а не да ја затвори без расправа.
Радев веднаш ја поздрави одлуката, истакнувајќи дека е „задоволен што институциите се придржуваат до уставните процедури“ и дека на граѓаните мора да им се овозможи „јавна и транспарентна дискусија“ околу прашањето за евроинтеграцијата на земјата. Според него, иницијативата не била за блокирање на процесот, туку за отворање на јавен дијалог.
– Решението на Уставниот суд претставува победа на правото над самоволието на политичката класа – рече Радев.
Одлуката на судот практично ја враќа темата во парламентот, кој ќе треба повторно да се изјасни дали предложениот референдум е уставно возможен. Пратеничките групи веќе најавуваат дека ќе има жестока дебата: дел од нив сметаат дека референдум за валутата е спротивен на претходно преземените обврски во рамките на ЕУ, додека други тврдат дека јавноста има право да биде прашана.
Паралелно со тоа, од актуелната влада неофицијално доаѓаат сигнали дека и покрај судската одлука, референдум најверојатно нема да има – бидејќи, како што тврдат, одлуките за влез во еврозоната се веќе правно обврзувачики и поврзани со интеграцијата на Бугарија во ЕУ и не можат да се стават на плебисцит.
Во јавноста, пак, темата постојано предизвикува поделби. Според последните анкети, граѓаните се речиси рамноправно поделени: дел стравуваат од ценовни шокови и губење на монетарниот суверенитет, а дел го гледаат еврото како гаранција за поголема финансиска стабилност.


























