Украина мора да биде слободна да одлучи за својата судбина, нагласија лидерите на ЕУ денес во заедничка изјава. Пред најавената средба на претседателите на САД и Русија во Алјаска, тие предупредија дека вистинските мировни преговори можат да започнат само по прекин на огнот или намалување на непријателствата.
Во изјавата, од која Унгарија се откажа, лидерите ги поздравија напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната, но нагласија дека секој мировен договор мора да биде во согласност со меѓународното право. Тие нагласија дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила.
„Украинскиот народ мора да биде слободен да одлучи за својата иднина. Патот кон мирот во Украина не може да се одреди без Украина“, рекоа лидерите. ЕУ ќе продолжи да стои покрај Украина и да ја поддржува на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, според изјавата објавена пред најавената средба на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во петок.
Европските лидери ќе одржат одделни разговори со Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во среда пред самитот во петок во Алјаска. Зеленски во понеделник предупреди да не се попушта пред барањата на Путин за територијални отстапки од Украина, додека Трамп рече дека ќе бидат неопходни некои размени на територии за да се стави крај на војната.
„ЕУ, во соработка со САД и други истомислечки меѓународни партнери, ќе продолжи да обезбедува политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина додека таа го остварува своето вродено право на самоодбрана“, рекоа лидерите во соопштението.
Тие додадоа дека агресијата на Русија против Украина има пошироки импликации и за европската и за меѓународната безбедност: „Убедени сме дека дипломатското решение мора да ги заштити безбедносните интереси на Украина и Европа“.
Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, по вонредната видеоконференција на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник изјави дека „сè додека Русија не се согласи на целосен и безусловно прекин на огнот, не смееме дури ни да разговараме за какви било отстапки“. Таа, исто така, најави нов пакет санкции против Москва.