Украина изврши напад со беспилотни летала во Московскиот регион во текот на ноќта, при што беа повредени пет лица.
Украина изврши напад со беспилотни летала во Московскиот регион во текот на ноќта, при што беа повредени пет лица во Красногорск, на периферијата на рускиот главен град, изјави гувернерот на Московскиот регион Андреј Воробјов денес на Телеграм. Ова е еден од ретките украински напади врз рускиот главен град.
Според Воробјов, беспилотно летало во Красногорск погодило станбена зграда, чии жители биле евакуирани. Се вели дека меѓу ранетите е и едно дете, јавуваат странските новински агенции.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека воздушната одбрана соборила вкупно 111 украински беспилотни летала во текот на ноќта над 13 региони. Повеќето од нив биле соборени на југот на земјата.
Русија ги засили нападите врз украинската цивилна инфраструктура во последните недели, особено енергетиката, како резултат на што илјадници Украинци се соочуваат со проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Како одговор, Киев ги засили нападите врз западните региони на Русија и нафтените и гасните постројки, додека Москва и областа околу неа се нападнати спорадично од почетокот на војната.



























