Грчките власти ги советуваа жителите на островот Санторини утре да ги затворат училиштата, да избегнуваат две мали пристаништа и да не се собираат во затворени простории, по зголемената сеизмичка активност во областа во последните денови.
Серија земјотреси со магнитуда до 4,3 степени се регистрирани во петокот и саботата на подрачјето меѓу вулканските острови Санторини и Аморгос, соопшти Министерството за цивилна заштита.
Министерството соопшти дека активноста не е поврзана со вулканска активност и дека се намалува, но експертите предложија мерки на претпазливост, вклучително и затворање на училиштата на 3 февруари.
Тие, исто така, ги советуваа луѓето да не се приближуваат и да не престојуваат во малите пристаништа Амуди и Фира, кои главно опслужуваат бродови за крстарење.
Земјотреси со јачина од 2,8 до 4,5 степени утрово ја погодија областа, соопшти Атинскиот геодинамички институт.