Турција планира да изгради канал долг 45 километри западно од Истанбул, а е дизајниран како алтернатива на пренатрупаниот Босфор. Тоа е еден од најголемите инфраструктурни проекти во земјата, но експертите предупредуваат дека „Ердогановиот канал“ би можел да се претвори во огромен финансиски и политички товар за земјата.
Каналот треба да биде долг 45 километри, широк 275 метри и длабок речиси 21 метар, а би поминувал западно од новиот меѓународен аеродром во Истанбул. Проектот вклучува изградба на шест мостови, ново пристаниште и населби каде што би можеле да живеат до половина милион луѓе, пишува WiWo.
Владата тврди дека вкупните трошоци ќе изнесуваат околу 15 милијарди долари, а приходите се планира да се генерираат преку такси за премин на бродови, а се проценува дека би можеле да достигнат и до 8 милијарди долари годишно.
Официјалниот почеток на изградбата беше означен во јуни 2021 година, десет години откако Ердоган – тогашниот премиер – го објави овој мегапроект.
Сега како претседател на Турција, Ердоган го гледа каналот како свое животно дело, верувајќи дека треба да му обезбеди на Истанбул побезбеден поморски сообраќај и да донесе огромни приходи во државниот буџет. Но, бројни инженери и економисти предупредуваат дека ова е политичка илузија.
Проектот жестоко дебатиран од самиот почеток: властите го нарекуваат историски инфраструктурен пробив, а критичарите предупредуваат дека може да се претвори во најскапата грешка во модерната турска историја бидејќи нема да биде економски исплатлива, а вложеното нема да може да се врати со високи такси за премин.
Најголемиот предизвик е самата изградба: потребно е да се ископаат повеќе од една милијарда кубни метри земја (а каде ќе одите со толку многу земја, забележете), додека геолозите предупредуваат на сложени проблеми со подземните води и притисокот.
Ова е и причината зошто почетокот на изградбата на самиот канал сè уште не е видлив – полесно е прво да се градат мостови на суво. Но, кога ќе започнат работите, длабочината од речиси 21 метар ќе претставува посебен предизвик: за споредба, Северноморскиот канал е длабок само 11 метри.
Анкара најавува негово завршување во рок од седум години, но експертите веруваат дека изградбата ќе трае најмалку двојно подолго, а трошоците би можеле да се зголемат на 100 милијарди евра.