Background

Турција и Грција уште еднаш нагласија дека се решени да ги зајакнат пријателските и добрососедските односи, меѓусебната почит, мирниот соживот и ја потврдија својата посветеност за подобрување на ефикасните канали и механизми за комуникација на сите нивоа

Топ Вести - Слушај сега

0:00 0:00
100

Турција и Грција уште еднаш нагласија дека се решени да ги зајакнат пријателските и добрососедските односи, меѓусебната почит, мирниот соживот и ја потврдија својата посветеност за подобрување на ефикасните канали и механизми за комуникација на сите нивоа, како и за елиминирање на неоправдани извори на тензии, со цел да се избегне можна ескалација и ризици во управувањето со билатералните односи, пишува во заедничката декларација меѓу двете земји потпишана од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

- Advertisement -
Ad image

Освен заедничката декларација на вчерашниот Висок совет за соработка меѓу двете земји одржан во Анкара беа потпишани и шест договори за соработка, а токму унапредувањето на билатералните односи и проширувањето на областите на соработка се истакнати и во заедничката декларација меѓу владите на Турција и Грција.

– Двете страни повторија дека проширената билатерална соработка, со целосно почитување на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ООН, дополнително ќе ги зајакне регионалниот мир, стабилност и просперитет и ќе го стимулира економскиот раст на регионот, пишува во декларацијата.

Двете земји се согласиле дополнително да ги зајакнат трговските врски со цел обемот на билатерална трговија до крајот на деценијата да достигне 10 милијарди долари, го поздравиле продолжувањето на програмата за издавање краткорочни визи за турските туристи на 12 грчки острови во Егејското Море, ја нагласиле и важноста на соработката во борбата против нелегалната миграција, како и против тероризмот и организираниот криминал.

Дополнително, во заедничката декларација споменати се можностите за соработка во енергетиката, во модернизацијата на клучните прекугранични патни и железнички коридори, во одржливото управување со водите во сливот на реката Марица/Еврос, како и во областа на новите технологии.

Турција и Грција ја потврдуваат и „својата посветеност за конструктивна работа во рамки на НАТО како две сојузнички земји, вклучително и во пресрет на Самитот во Анкара што ќе се одржи на 7 – 8 јули 2026 година во Турција“.

– Двете страни разменија мислења за односите Турција – ЕУ. Двете земји се согласија да ја прошират соработката во меѓународните организации и, каде што е можно, меѓусебно да ги поддржуваат кандидатурите во меѓународни форуми. Двајцата лидери имаа и сеопфатна размена на мислења за билатералните прашања, како и за регионалните и меѓународните случувања. Тие се согласија да го задржат позитивниот моментум во политичкиот дијалог, Позитивната агенда/Заедничкиот акциски план и разговорите за мерките за градење доверба, пишува во заедничката декларација потпишана од Мицотакис и Ердоган.

Во изјавите по шестиот Висок совет за соработка во Анкара турскиот претседател и грчкиот премиер ја истакнаа важноста на одржување на меѓусебните контакти и дијалогот, а се осврнаа и на нерешените прашања меѓу двете земји.

Ердоган нагласи дека јасно и искрено разговарале за позициите за Егејското море и Источниот Медитеран.

– Ние уште од минатото до сега сметаме дека иако овие прашања се трнливи, не се нерешливи врз основа на меѓународното право, доколку постои добра намера, конструктивен дијалог и волја за решение. Со задоволство констатирав дека се согласуваме со мојот драг пријател Киријакос по ова прашање. Веруваме дека од 2023 година па натаму ќе се постигне напредок и во решавањето на меѓусебно поврзаните прашања во Егејското море, истакна Ердоган.

Во однос на нерешените прашања меѓу двете земји, грчкиот премиер посочи дека одредувањето на морските зони, континенталниот гребен и Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ) во Егејот и во Источниот Медитеран е „единствената разлика што би можела да се изнесе пред меѓународен судски орган врз основа на меѓународното и морското право“.

– Искрено посакувам и да го споделам вашиот оптимизам дека условите ќе овозможат развреска во таа насока. И затоа, господине претседателе, сметам дека во истиот дух со позитивното искуство, веќе е време да се отстрани секоја закана, формална и суштинска, во нашите односи. Ако не сега, кога?, рече Мицотакис.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation