Италијански музеј упати повик до посетителите да ја почитуваат уметноста откако беше објавено видео на кое се гледа како пар оштетува столица, украсена со стотици сјајни кристали, објави Би-Би-Си.
Снимката, објавена од музејот Палацо Мафеи во Верона, прикажува маж и жена како се фотографираат еден со друг, преправајќи се дека седнуваат на т.н. „столица Ван Гог“.
Потоа се гледа како мажот се лизга и паѓа врз столицата која се крши под неговата тежина.
Според музејските власти, двојката избегала од музејот пред персоналот да забележи што се случило.
Музејот веќе ја известил полицијата за инцидентот, а парот сè уште не е идентификуван.
– Понекогаш губиме разум само за да направиме фотографија и не размислуваме за последиците… Секако дека се работи за несреќен случај, но овие луѓе си заминаа без да кажат ништо – тоа не е несреќен случај. Ова е кошмар за секој музеј – изјави директорката на музејот, Ванеса Карлон.
Според информациите на Би-Би-Си, настанот се случил во април, но снимката беше објавена дури на 12 јуни.
Столицата е дело на италијанскиот уметник Никола Бола и е украсена со Сваровски кристали – направени од полиран, машински сечен стаклен материјал. Наречена е по Винсент ван Гог, како омаж на сликата со обична столица од холандскиот сликар.
Делото на Бола е практично без цена бидејќи музејот одби да даде проценка за неговата вредност кога беше запрашан од Би-Би-Си.
Историчарката на уметност и вработена во Палацо Мафеи, Карлота Менегацо, изјави дека иако столицата изгледа стабилно, нејзината конструкција е претежно шуплива и направена со фолија.
– На столицата имаше ознака дека не смее да се допира, а и самата беше поставена на постамент, па јасно е дека не станува збор за вистинска столица за седење – вели Менегацо.
Скршени биле 2 нозе и седиштето, но Менегацо истакна дека „е направена одлична работа“ за нејзина реставрација и дека сега повторно е изложена.
Палацо Мафеи беше отворен во 2020 година и изложува 650 уметнички дела, вклучително и слики од Пикасо и античка египетска уметност.
Карлон изјави дека повеќето посетители се однесуваат со почит и се надева дека објавувањето на оваа снимка нема да прерасне во негативен настан.
Наместо тоа, сака да го нагласи следново: „Секој треба да влегува во простори каде што има уметност – музеи, цркви, каде било – со поголема почит“.
– Уметноста мора да се почитува и сака, бидејќи е многу кревка – додаде таа.