Цената на среброто на светските пазари нагло се зголеми и за првпат ја проби границата од 60 долари за унца, достигнувајќи околу 60,4 долари на фјучерсите, додека „спот“ цената за едно деноноќие порасна за повеќе од 3%. Најголемиот ЕТФ (Exchange-Traded Fund, или берзански фонд) врзан за среброто, од почетокот на годината бележи раст од над 100%.
Овој силен подем доаѓа по долги години во кои цената на металот речиси стагнираше и остануваше во сенка на златото. Сега, комбинацијата од очекувано намалување на каматните стапки во САД, можен послаб долар и поскапување на немонетарните актива го движи пазарот нагоре.
Клучен фактор е и индустриската побарувачка. Среброто стана неопходна суровина за соларната индустрија, електричните возила, батерии, 5G системи и технологиите за вештачка интелигенција. Производството не може да ја задоволи побарувачката, па пазарот веќе петта година по ред влегува со дефицит. Залихите во светските магацини се намалуваат, а дел од физичкото сребро завршува кај ЕТФ-фондовите и кај малите инвеститори.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека среброто, како пазарна стока, е по правило многу нестабилно. Сигнал за менување на каматните стапки од Федералните резерви може да предизвика промени на цената. Но доколку се одржат силната побарувачка и недостигот, сегашниот рекорд може да биде само вовед во нов, подолг растечки циклус.



























