Додека се подготвува денешната средба меѓу украинската и руската делегација во Истанбул, на која се очекува да се разговара за можностите за прекин на огнот, западните сојузници испраќаат остри пораки до Москва.
Реакциите на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија се речиси едногласни: Русија не покажува сериозна подготвеност за мир, додека, пак, Украина демонстрира одлучност.
Критики, скептицизам и внимателен оптимизам се спојуваат во дипломатскиот тон на западните претставници – но сите ја насочуваат одговорноста кон Кремљ.
Присуството на Зеленски е симбол на подготвеност, Русија доаѓа со навреда
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, кој учествува на состанокот на министрите на НАТО во Анталија, ја критикуваше Русија за тоа што испратила делегација „на ниско ниво“ на денешните мировни разговори со Украина во Истанбул, објави британски Експрес.
– Доаѓаме со една единствена порака – да застанеме покрај Украина и да постигнеме праведен, одржлив мир – изјави Лами, посочувајќи дека присуството на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Турција е доказ за украинската подготвеност за сериозни разговори.
Од друга страна, пак, како што нагласи, Москва испраќа низок профил на делегација, што „Украинците со право го доживуваат како навреда“.
САД се нетрпеливи за напредок, Трамп е спремен за секој механизам што води кон мир
Американскиот државен секретар, Марко Рубио – кој, исто така, присутен на самитот на НАТО – изјави дека Вашингтон е „нетрпелив“ да види напредок во мировните напори меѓу Украина и Русија.
– Многу работа останува. Посветени сме, но како и сите – сакаме ова да заврши. Тешко е, но се надеваме дека наскоро ќе има напредок – рече Рубио.
Тој додаде дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е „апсолутно јасен“ во ставот дека сака војната да заврши и е подготвен да ја поддржи „секоја иницијатива што може да донесе траен мир“, објави Анадолија.
Топката е кај Русија, Украина е подготвена веднаш да преговара
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, испрати јасна порака до Москва – Украина е подготвена, Русија е таа што треба да покаже волја.
– Сега е ред на Русија да направи вистински чекор. Украина е подготвена за прекин на огнот и итни преговори – изјави Руте.
Тој изрази „внимателен оптимизам“ дека може да се постигне некаков пробив во следните неколку недели, но потенцираше дека тоа ќе зависи од квалитетот и од легитимноста на руската делегација, објави Правда.
– Разговорите можат да напредуваат само ако Русија се појави со вистинска намера и со релевантна делегација. Сè уште не сме сигурни дека тоа е случај – рече Руте