Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за воведување нови санкции и царини против Русија по новите руски напади врз Украина во текот на ноќта.
„Со оглед на фактот дека Русија во моментов буквално ја „меле“ Украина на бојното поле, сериозно размислувам за широки банкарски санкции, санкции и царини против Русија додека не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор“, објави Трамп, според Би-Би-Си, и додаде:
„На Русија и Украина, седнете на маса сега, пред да биде предоцна. Благодарам!!!”
Имено, руските сили со напади во петокот вечерта ја уништија украинската енергетска и гасна инфраструктура, во првиот голем напад откако САД престанаа да споделуваат разузнавачки информации со Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, обидувајќи се да ја зајакне поддршката на Западот за неговата земја откако Трамп ја смени американската политика во корист на Москва, повика на прекин на огнот во воздухот и на море, но не и на копно, идеја што првпат ја предложи Франција.
„Првите чекори кон воспоставување вистински мир треба да бидат принудување на единствениот извор на оваа војна, Русија, да ги запре ваквите напади“, објави Зеленски на Телеграм, реагирајќи на ноќниот ракетен напад.
Украинското воздухопловство соопшти дека Русија лансирала 67 проектили и 194 беспилотни летала. Соборени се 34 проектили и сто дронови, тврдат Украинците. Регионалните власти од североисточниот град Харков до западниот град Тернопил известуваат за штета на енергетската и друга инфраструктура. Осум лица се повредени во Харков, а уште две, меѓу кои и едно дете, се ранети во Полтава.
„Русија продолжува со својот енергетски терор“, изјави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
Русија секојдневно ги гаѓаше украинските градови и населени далеку од првите линии на борбите, но нападот во петокот беше прв откако САД одлучија да ја прекинат воената и разузнавачката помош за Украина.